Posts Tagged ‘Натура2000’

Обука посветена на ЕУ политиките поврзани со заштита на природата

Во периодот од 24.10 до 28.10 во Ваљево, Србија, се одржа обука со наслов “Градење на капацитетите на граѓанските здруженија за европските политики наменети за заштита на природата” во организација на IUCN (International Union for Conservation of Nature), во партнерство со ДЕМ од Македонија, ЗЕЛЕНИ од Црна Гора и ДРУШТВОТО ЗА ЗАШТИТА И ПРОУЧУВАЊЕ НА ПТИЦИТЕ од Србија. Целта на обуката беше зајакнување на граѓанските организации од Македонија, Црна Гора и Србија со цел да ја зголемат нивната улога во имплементацијата на клучните Европски политики и стратегии од областа на животната средина.

Одржувањето на обуката е во рамките на проектот “Европски политики и стратегии за заштита на животната средина во југо-источна Европа: Јакнење на капацитетите за имплементација на овие политики и стратегии во Македонија, Црна Гора и Србија”

Учесниците на обуката имаа можност да го дадат својот придонес на темите:

  • Еколошките мрежи
  • Зелени инфраструктури: развојната политика и импликациите во пракса
  • Оцена на влијанија врз животна средина и стратегиска оцена на животна средина
  • НАТУРА 2000
  • Политики за руралниот развој

Пристапување кон ЕУ не е „мазен“ процес за земјите од Западен Балкан, туку долго патување со голем број на предизвици на патот. Процесот вклучува усогласување на националното законодавство со она на ЕУ, обезбедување на неговото спроведување преку воведување на нови акти на национално ниво, вистинско вклучување на сите чинители во процесите на донесување одлуки, подобрување на регионалната соработка, итн. Исто така, подигањето на свеста и градењето на капацитети за спроведување на политиките и стратегиите на ЕУ се од највисока важност за успешноста на процесот на пристапување.

Граѓанските организации се гледаат како движечка сила за трансформација на општеството во земјите од Западен Балкан. Воспоставувањето на тесна соработка и функционална мрежа на граѓанските организации со соодветни квалификации и полни со неопходното знаење е од суштинско значење за постигнување на горенаведените цел. Оваа обука во целост ја исполни поставената цел.

Да ги заштитиме бувовите …

Како што претходно пишувавме, важен дел од Натура 2000 претставува Директивата за зачувување на дивите птици на ЕУ (Directive 2009/147/EC), донесена од Европскиот парламент и Советот на ЕУ на 30 ноември 2009 година (ова е кодифицираната верзија на Директивата 79/409/EEC, дополнета). Оваа Директива е најстариот дел од законодавството на ЕУ кое се однесува на природата и е една од најважните, создавајќи сеопфатна програма за заштита за сите диви птици кои природно се среќаваат во Унијата. Директивата била едногласно усвоена од земјите членки во 1979 година како одговор на зголемената загриженост за намалувањето на популацијата на диви птици во Европа, како резултат на загадување, губење на живеалиштата, како и неодржливо користење. Исто така, беше признато дека дивите птици, од кои многу се преселници, се заедничко наследство на земјите членки и дека нивната ефективна заштита бара меѓународна соработка.

Со желба да ја потенцирам нивната голема еколошка неопходност, во овој пост сакам да предупредам на можноста од истребување од нашите простори на една многу интересна група на птици.

Станува збор за БУВОВИТЕ (припаѓаат на групата Strigiformes).

Конкретно, во ANNEX I, од DIRECTIVE 2009/147/EC , меѓу останатите видови птици, како заштитени се наведени и следните видови бувови – Strigidae, Bubo bubo, Nyctea scandiaca, Surnia ulula , Glaucidium passerinum, Strix nebulosa, Strix uralensis, Asio flammeus и Aegolius funereu. Три од нив, Bubo bubo, Strix uralensis и Asio flammeus,  живеат и во Република Македонија.

Многу е важно да се знае дека и преку законската регулатива на Република Македонија се превземаат чекори за заштита на бувовите. Имено, во Законот за ловството, Службен весник на РМ, бр. 26 од 24.02.2009 година, во Член 3 се дефинира „Дивеч се одредени видови на животни и птици кои живеат слободно во природата или во оградени површини во кои интензивно се одгледуваат, размножуваат, заштитуваат и ловат“, па во Член 5 кој вели „Под дивеч, во смисла на овој закон, се подразбираат следниве видови животни и птици“ меѓу другите видови се наведени и:

116) голем ушест був (Bubo bubo L.);

117) шумски ушест був (Asio otus L.);

118) мочуришен був (Asio flammeus Pont.);

119) ќук-градинарски (Otus scops L.);

120) кукумјавка (Athene noctua Scop.);

121) шумски був (Strix aluco L.);

122) кукувија (Tyto alba Scop.);

Според истиот закон „Дивеч под заштита е: голем ушест був, шумски ушест був, мочуришен був, ќук-градинарски, кукумјавка, шумски був, кукувија“ (Член 9, став 2) и „Трајно се забранува ловење на: голем ушест був, шумски ушест був, мочуришен був, ќук-градинарски, кукумјавка, шумски був, кукувија“ (Член 13). Исто така „Забрането е уништување и присвојување на младенчиња, уништување и расипување на легла, гнезда или јајца од дивеч под заштита утврдено со овој закон“ (Член 14).

Она што не е предвидено и изрегулирано со ниту еден закон се нашата свест, нашиот начин на однесување и грижата за сопственото место за живеење. Тие остануваат само наша одговорност.

Да ги заштитиме бувовите…

НАТУРА 2000 во Македонија

Полека но сигурно се прават чекори мрежата НАТУРА 2000 да заживее и во Македонија. Во организација на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, во рамките на проектот „Заедно за Натура 2000“, се одржаа два семинари за здруженијата кои работат на полето на заштита на животната средина.

NATURA 2000 065

Првиот семинар се одржа од 7- 8.05.2011 година, во хотел Метропол, Струга, и беше посветен на Натура 2000 во целост, запознавање што представува НАТУРА 2000 и зошто е важно Македонија да работи во насока на нејзина имплементација. Предавачи на семинарот беа: Андреа Штефан од Хрватска (WWF) и Андреј Ковачев од Бугарија (Друштво за див животински свет “БАЛКАНИ”). Особено место на семинарот завземаа и активностите за развој на еколошката мрежа НАТУРА 2000 во Македонија, важноста на Берската конвенција која е наменета за Емералд подрачјата (Емералд е политика за заштита на ретките и загрозени видови на животни, билки и птици и е пандан на НАТУРА 2000, но е наменета за оние земји кои се кандидати за во ЕУ), за кои говореше Робертина  Брајковска од ГО “МЕД”. Заклучокот од овој семинар беше дека е неопходно да се создаде една групација од Граѓански организации од Македонија, кои заедно ќе работат на локалното спроведувањето на НАТУРА 2000.

Вториот семинар се одржа од 27 – 29.05.2011 година, во хотел Градски Парк, Скопје и беше  посветен на градење коалиции, партнерства и заедничко работење на граѓанските здруженија. Предавачи беа Павел Павлачик од Полска (Naturalists Club Poland) и Андреј Ковачев од Бугарија (Друштво за див животински свет “БАЛКАНИ”) и тие ги пренесоа нивните искуства од спроведувањето на процесот Натура 2000. Останатиот дел на семинарот беше насочен кон планирање на следните активности.

Од двата семинара произлезе формирање на група која ќе работи на НАТУРА 2000 во Македонија. Таа е составена од 14 граѓански организации и тоа: Еко Осоговија – Пробиштип, Грин Пауер – Велес, Биосфера – Битола, Грашница – Охрид, МЕЗ – Гостивар, Екумена – Струмица, Еко Свест – Скопје, ИДСБ – Скопје, ЗЗО ГРИНЕР – Скопје, ЦеПроСАРД – Скопје, СД ПЕОНИ – Скопје, МЕД – Скопје, Платформа КАЛЕН –Скопје и Еко Скоп – Скопје. Групата го имаше својот прв состанок, на 20.06.2011 година, во просториите на Британски совет во Скопје и одлучи истата во иднина да работи под името Коалиција „Натура 2000“.

НАТУРА 2000

НАТУРА 2000 представува политика за заштита на природата и биолошката разновидност во Европската Унија. Таа е мрежа на подрачја за заштита на природата низ ЕУ, востановена во склад со Директивата за живеалишта од 1992 година и Директивата за птици од 1979 година. Директивата за заштита на птиците и нивините живеалишта предвидува прогласување на Подрачја со посебна заштита ( – SPAs). SPA подрачјата се прогласуваат главно за заштита на најретките и најзагрозени видови на птици на европско ниво, вклучувајќи ги и миграционите видови на птици.

Целта на оваа мрежа е да се осигура долготраен опстанок на највредните и најзагрозени видови и живеалишта во Европа. Со горе наведените директиви се опфатени 230 типови на живеалишта, преку 1000 видови на билки и животни и преку 190 видови на птици кои се од големо значење за Европа, но и за светот.

Во НАТУРА 2000 подрачјата не е забрането да има човечки активности се додека тие активности не предизвикуваат загрозување на тие подрачја и видови. Всушност, НАТУРА подрачјата не представуваат строги резервати каде било какви активности се забранети. Изборот на овие подрачја е подкрепен со научни докази и критериуми се со цел да бидат заштитени оние видови кои се загрозени, кои се од големо значење за еколошкиот сиџир како и заштита на нивните живеалишта.

При изборот и прогласувањето на подрачјата од еколошката мрежа НАТУРА 2000 сите земји членки и земјите кандидати мораат да пројдат три фази на дијалог со Европската комисија. Тие три фази се :

1 фаза: Подготовка на национален попис на потенцијални подрачја за еколошката мрежа НАТУРА 2000

2 фаза: Одредување на подрачјата од важност за ЕУ ( –SCIs)

3 фаза: Номинирање на посебни подрачја на заштита ( – SACs)

НАТУРА 2000 е флексибилна и современа, таа овозможува одржлив развој за човекот, но и за природата. Во процесот на пристапување кон Европската унија, Македонија е обврзана да воспостави мрежа на „Натура 2000“ подрачја. Според Европското законодавство, воспоставувањето на оваа мрежа е една од клучните точки во процесот на пристапување кон Европската Унија.