Archive for the ‘Животна средина’ Category

БИО-ЈАГЛЕН

БИО-ЈАГЛЕН е специјална форма на јаглен кој се создава кога биомаса се загрева во отсуство на воздух или со многу мали, контролирани количини на кислород. Био-јагленот може да се употреби за прифаќање и задржување на слободни форми јаглерод. Бидејќи јагленот е стабилна и цврста материја богата со јаглерод, токму и на тој начин може да се употребува – да се врзе слободен јаглерод присутен во почвата*. Био-јагленот исто така делува како подобрувач на почвата. Постои пречистителна станица за отпадни води во Германија која во процесот ги загрева отпадните материи со цел, создавање на био-јаглен. Тој процес е врвно успешен, постројката работи на принцип на прифаќање слободен јаглерод кој инаку би се ослободил во атмосферата.

*Како пример да го споменеме Германскиот Институт UMSICHT, Фраунхофер Институтот за животна средина, енергетика и безбедност, кој во технолошки услови работи на топик ефикасно производство на енергија од отпадни води, како и на енергетско користење на био-јагленот.

Животна средина – ПРИДОБИВКИ од употребата на био-јаглен

Био-јагленот е моќна алатка применлива за решавање на некои од најважните еколошки проблеми на нашето време. Да споменеме за нас најважни:

Климатски промени

Био-јагленот би можел да помогне во борбата против климатските промени со тоа што ќе го прифати и задржи слободниот јаглерод во почвата, а со тоа директно ќе влијае на пре-намена на употребата на фосилните горива. Био-јагленот задржува слободна форма на азот, со што емисиите на азотен оксид (моќен но и штетен издувен гас) во атмосферата можат да бидат намалени. Со преработката на земјоделскиот отпад во био-јаглен директно се влијае на намалување на емисиите на метан (уште еден моќен и штетен издувен гас) во атмосферата, генерирана од страна на физичкото распаѓање на отпадот. Да го поедноставиме објаснувањето, истражувања покажале дека, ова претставува моќна и едноставна алатка која би можела да “задржи” 2,2 гигатони јаглерод на годишно ниво до 2050год.

Деградација на почвата и снабденоста со храна

Како подобрувач на почвата, био-јагленот ја прави почвата поплодна, со тоа ја зголемува безбедноста на храната, ги зачувува земјоделските култури и ја намалува можноста за употреба на хемиски ѓубрива.

Загадување на водите како резултат на употребата на хемикалии во земјоделието

Био-јагленот го подобрува квалитетот на водата со тоа што го потпомага процесот на задржување хранливи материи или пак присутни хемиски ѓубрива во почвата, кои инаку би биле искористени од страна на растенијата и земјоделските култури. Сето тоа резултира со намалување на загадувањата.

Управување со отпадот

Производството на био-јаглен претставува едноставен, одржлив процес на управување со земјоделскиот отпад. Со самиот тој процес пак, се олеснуваат процесите на управувањето со отпад, производството на био-енергија и се овозможува постапката на одржливо управување со почвените ресурси.

Уништувањето на шумите и губење на земјоделските култури

Со процесот на конверзија на земјоделскиот отпад во моќниот подобрувач на почвата – био-јаглен сега веќе можеме да ги зачуваме земјоделските култури и да го спречиме уништувањето на шумите.

Biochar

Ајде сега, подетално да објасниме што всушност е био-јагленот.

Био-јагленот е моќна и едноставна алатка која ја потпомага борбата против глобалното затоплување. Оваа скоро веќе 2.000 години стара практика, го претвора земјоделскиот отпад во почвен подобрувач, со тоа што може да прифати и задржи слободни форми на јаглерод, дополнително ја зајакнува безбедноста на храната и го спречува уништувањето на шумите. Процесот вклучува создавање на ситно-грануларен јаглен со висока порозност, а со тоа го потпомага процесот на задржување хранливи материи во почвата и водата. Добивањето на “одржлив” био-јаглен е една од ретките технологии која е релативно евтина и наоѓа широка примена.

Био-јагленот претставува цврст материјал добиен со постапката на карбонизација на биомаса. Био-јагленот би можел да се додаде во почвата со цел нејзино подобрување, како и за намалување на емисиите кои се јавуваат од процесирањето на биомасата, кои инаку природно ќе се деградираат и ослободат како штетни гасови во атмосферата. Био-јагленот исто така, поседува висока вредност на врзување на јаглерод диоксид.

Био-јагленот може да биде важна алатка за зголемување на безбедноста на храната и земјоделските култури во области каде почвата е сериозно осиромашена и каде водните резерви се несоодветни за употреба. Дополнително на тоа, био-јагленот го подобрува квалитетот и квантитетот на водата со тоа што, го олеснува процесот на задржување на хранливи материи во почвата а со тоа се овозможува заштита на растенијата и културите. Тоа значи дека така повеќе хранливи материи остануваат во почвата, наместо да се излеваат во подземните води и во најлош случај така да предизвикаат загадување.

Biochar_2
Присутниот јаглерод во био-јагленот е отпорен на процесите на деградација и може да се задржи во почвата за период од стотици до илјадници години. Био-јагленот се произведува со помош на процесите на пиролиза и гасификација – процес каде што биомаса се загрева во отсуство или во околина со помала концентрација на присутен кислород. Во прилог на овој процес, каде се добива таканаречениот “подобрувач на почвата” може да се додадат и процесите на добивање нафта и гас како нус-производи, а кои пак можат да бидат искористени како суровини за гориво и со тоа да се обезбеди добивање на чиста и обновлива енергија.

Процесите на добивање на био-јаглен и био-енергија би можеле да ја потпомогнат борбата против глобалните климатски промени, со тоа што ќе ја пренасочат употребата на фосилните горива и јаглеродот присутен во почвата. Исто така, со тоа би се намалиле емисиите на штетниот азотен оксид. Оваа технологија е една од ретките која е релативно евтина и наоѓа широка примена. Навистина не можеме да си дозволиме да не ја применуваме!

Напишано од:

Јулиане Петровска, Дипл.Инж.Техн.

Моќта на НИЕ!

Не е ништо ново дека заедно можеме повеќе. Исто како што многу пати до сега се покажало дека е потребно здружување за постигнување на некоја цел.

Но … Има некои работи кои ги правиме заедно и притоа постигнуваме голем успех, ама за жал, во негативна конотација.

На пример:

* НИЕ сме дел од мултимилионското пазарно општество … купуваме без мерка и трупаме непотребни количини на комерцијални предмети, а притоа не размислуваме дека за нивното производство се трошат огромни неповратни ресурси …

* НИЕ сме дел од модерните текови … следиме трендови и создаваме енормни количини на секаков отпад, а притоа воопшто не се грижиме каде истиот завршува и како влијае врз животната средина …

* НИЕ сме дел од профитабилни бизниси … креираме бизниси без обзири кон околината, уништуваме во име на профитот и не оставаме ништо за следните генерации …

* НИЕ сме дел од иднината … ги забораваме добрите навики од минатото и рушиме добри системи …

Всушност нашата моќ е во нашата одлука! Да донесеме правилна одлука!

НИЕ сме тие што ја поседуваат моќта за уништување на оваа планета, но НИЕ сме и́ тие кои со моќта на одлуката може да ја спасат планетата … тоа е нашата моќ … тоа е моќта на НИЕ!

Обука посветена на ЕУ политиките поврзани со заштита на природата

Во периодот од 24.10 до 28.10 во Ваљево, Србија, се одржа обука со наслов “Градење на капацитетите на граѓанските здруженија за европските политики наменети за заштита на природата” во организација на IUCN (International Union for Conservation of Nature), во партнерство со ДЕМ од Македонија, ЗЕЛЕНИ од Црна Гора и ДРУШТВОТО ЗА ЗАШТИТА И ПРОУЧУВАЊЕ НА ПТИЦИТЕ од Србија. Целта на обуката беше зајакнување на граѓанските организации од Македонија, Црна Гора и Србија со цел да ја зголемат нивната улога во имплементацијата на клучните Европски политики и стратегии од областа на животната средина.

Одржувањето на обуката е во рамките на проектот “Европски политики и стратегии за заштита на животната средина во југо-источна Европа: Јакнење на капацитетите за имплементација на овие политики и стратегии во Македонија, Црна Гора и Србија”

Учесниците на обуката имаа можност да го дадат својот придонес на темите:

  • Еколошките мрежи
  • Зелени инфраструктури: развојната политика и импликациите во пракса
  • Оцена на влијанија врз животна средина и стратегиска оцена на животна средина
  • НАТУРА 2000
  • Политики за руралниот развој

Пристапување кон ЕУ не е „мазен“ процес за земјите од Западен Балкан, туку долго патување со голем број на предизвици на патот. Процесот вклучува усогласување на националното законодавство со она на ЕУ, обезбедување на неговото спроведување преку воведување на нови акти на национално ниво, вистинско вклучување на сите чинители во процесите на донесување одлуки, подобрување на регионалната соработка, итн. Исто така, подигањето на свеста и градењето на капацитети за спроведување на политиките и стратегиите на ЕУ се од највисока важност за успешноста на процесот на пристапување.

Граѓанските организации се гледаат како движечка сила за трансформација на општеството во земјите од Западен Балкан. Воспоставувањето на тесна соработка и функционална мрежа на граѓанските организации со соодветни квалификации и полни со неопходното знаење е од суштинско значење за постигнување на горенаведените цел. Оваа обука во целост ја исполни поставената цел.

Амбарскиот був – важен и загрозен вид …

ambarski buv

Денеска е Светскиот ден на животните. Со овој пост сакаме да ја подигнеме јавната свест за еколошката важност и неговата улога во животната средина на еден посебен вид, но и да придонесеме кон неговата заштита.

Грабливите птици се важни во еколошката рамнотежа, тие собираат и се хранат со мрши, ја контролираат популацијата на глодарите, но јадат и разни штетници кои се штетни за плодовите. Бувовите кои се хранат во земјоделските области обезбедуваат поволности за луѓето, така што убиваат голем број на мали глодари, кои инаку би можеле да ги јадат посевите во полето или во складиштата.

Амбарски був (Тyto Алба)

Амбарскиот був е специјализирана и многу прилагодена птица, спремна да одговори на нејзината еколошка улога –  ловец на малите цицачи во услови на отворено живеалиште и слаба осветленост. Иако малите цицачи се користат за храна од страна на широк опсег на грабливки, вклучувајќи јастреб-глувчар, некои видови соколи, мачки, ласици и лисици (како и други бувови), ниту еден од овие не лови на ист начин како што тоа го прави амбарскиот був. Амбарскиот був има исклучително силен слух и вид, што го прави многу ефикасен ловец. Се вели дека амбарскиот був всушност може да го слушне срцето на глувчето во соба од 30 квадратни стапки (околу 10м2).

Амбарскиот був е птица на отворени села. Тие обично бараат храна со летање ниско над живеалишта со пасишта, со чести “интервали на лебдење” или седејќи сместени на некоја ограда или во дрвјата на рабовите на полињата. Амбарскиот був се наоѓа во отворени села, каде што има земјоделски површини, стари полиња или бавчи, но сепак повеќе сакаат да бидат во близина на пасишта, мочуришта и ливади. Пред Европското населување, живеалиштето на амбарскиот був веројатно се состоело од дабова савана во непосредна близина на прерија со висока трева.

Исхраната на амбарскиот був се состои главно од мали цицачи, со посебна предност за водените стаорци (Microtus spp.), ѓаволести глувчиња, кртови, млади стаорци, разни видови на глувци, а понекогаш и птици, или жаби и големи инсекти само ако е неопходно. Се проценува дека количината на внесената храна кај возрасните единки се движи од околу 50 до 150 g/ден, што е еквивалентно на 1-3 глувчиња дневно. Се проценува дека едно типично семејство на две возрасни и четири млади единки на амбарскиот був троши околу 1000 глодари во текот на 10-неделното хранење во годината кога младите се во гнездото.

Во секоја матична околина на амбарскиот був најверојатно има и други различни грабливки што јадат мали цицачи, но видовите меѓусебно немаат идентични исхрана или ист метод ловење. Иако постои добар дел од преклопување помеѓу видовите, има малку директна конкуренција затоа што еколошката улога на амбарскиот був е многу уникатна.

Бидете свесни дека …

Овие корисни птици, за жал, се особено подложни на истребување, делумно поради природниот еволутивна селекција, а делумно поради мешање на човекот. Бувовите се под закана и на други активности на луѓето. Тие се изложени на токсични хемикалии во шумарството и земјоделството, а тоа си зема данок кај некои видови бувови. Еден пример е труење со изложеност на инсектицид carbofuran, кој се користи за контрола на епидемијата од скакулци во земјоделските прерии.

Уште поважни се ефектите кои ги имаме како последица на губењето на живеалиштата на бувовите. Урбаниот, индустрискиот и развојот на земјоделството ги уништува живеалиште на повеќето видови на бувови и други автохтони видови, предизвикувајќи големи намалувања на нивната популација, па дури и нивно исчезнување од многу области.

Помош

Ние сме среќни што во Македонија постои организација која се грижи за опстанокот на бувовите во природата, да ги заштитува нивните гнездилишта, нивните млади и нивните ловишта. Целта на организацијата Macedonian Owl Trust е да придонесе за зголемување на фондот на бувовите во нашата земја со организирање на разни акции за поставување на куќички за гнездење на бувови, воспоставување мониторинг на сите евидентирани гнездилишта, прихрана и грижа на младите бувчиња со цел да го напуштат гнездото во поголем број.

Ако и Вие сакате да помогнете, сега е вистинското време. Оваа организација е во подготовка за изградба на куќи за гнездење кои ќе бидат поставени на различни локации во животната средина и ќе помогнат во зачувување и зголемување на бројот на загрозените бувови. Вие можете да донирате дрвени материјали (штици, шпер-плоча или иверица) и алатки и да придонесете во овој процес. Повеќе информации можете да најдете на страницата на Macedonian Owl Trust.

Ние сме дел од настанот Blog Action Day : World Animal Day 2011

CELEBRATE animal life in all its forms by blogging, tweeting and hosting events to celebrate their magnificance and wonder.

Животната средина е работа на сите

rabota na site

Европската недела на мобилноста  се одржува веќе девет години и претставува огромната кампања во која земаат учество над 220 милиони луѓе (скоро една половина од Европа) така што на разни начини се претставува алтернативната мобилност и потребата од користење на разни начини  на движење и патување со главна цел – здрав и продуктивен живот на сите граѓани. Оваа година кампањата е во периодот од 16 до 22 септември.

Во прославата на Европската недела на мобилноста директно се вклучуваат и  Институтот РАЗУМ од Софија и 4х4х4 Балкански Мостови од Скопје, со поддршка од Балканскиот Фонд за Демократија, преку реализацијата на проектот „Животната средина е работа на сите“ и акцијата која е градена минатите неколку месеци во Македонија и Бугарија.

Покрај  двете водечки организации, од Македонска страна значајни учесници во оваа акција се и претставниците на граѓанските организации  ОРТ Скопје, ГРИНЕР Скопје, ФЛОРОЗОН Скопје, ИСИГОРИА Скопје, ГОГРИН Скопје, Метаморфозис Скопје, ЛИПА – Куманово, НАТУРА – Липково, ОСОГОВО – Крива Паланка, Информативен Центар Крива Паланка, МАКМОНАТАНА – Националната Канцеаларија УНЕП за Македонија, Балканска Фондација за Одржлив Развој – БФОР, поканети се претставници од скоро сите политички партии учеснички во работата на Собранието на Р. Македонија, а најмногу акцент на оваа иницијатива ќе стават Градот Скопје, Градоначалниците на Општините Куманово и Крива Паланка, и Локалните авторитети од Ќустендил, Перник и Градот Софија.

Една од главните цели на оваа акција е повикување на граѓаните и Локалните власти за унапредување, интензивирање и поддршка на мерките за локални еко-иницијативи од општ интерес за здрав и продуктивен живот на самите граѓани како и на интензивирање и продлабочување на Регионалната и прекугранична соработка помеѓу сите чинителни во општествата, особено младите и општинските институции.  Акцијата која е насловена како „Патувачко шоу“ почна во Скопје на 19 септември во просториите на Градот Скопје и плоштадот Македонија, продолжува на 20 септември во Куманово и Крива Паланка, 21 септември Ќустендил и Перник и завршува на 22 септември со Регионалниот Форум кој  ќе се оддржи во седиштето на Градот Софија.

         

Да ги заштитиме бувовите …

Како што претходно пишувавме, важен дел од Натура 2000 претставува Директивата за зачувување на дивите птици на ЕУ (Directive 2009/147/EC), донесена од Европскиот парламент и Советот на ЕУ на 30 ноември 2009 година (ова е кодифицираната верзија на Директивата 79/409/EEC, дополнета). Оваа Директива е најстариот дел од законодавството на ЕУ кое се однесува на природата и е една од најважните, создавајќи сеопфатна програма за заштита за сите диви птици кои природно се среќаваат во Унијата. Директивата била едногласно усвоена од земјите членки во 1979 година како одговор на зголемената загриженост за намалувањето на популацијата на диви птици во Европа, како резултат на загадување, губење на живеалиштата, како и неодржливо користење. Исто така, беше признато дека дивите птици, од кои многу се преселници, се заедничко наследство на земјите членки и дека нивната ефективна заштита бара меѓународна соработка.

Со желба да ја потенцирам нивната голема еколошка неопходност, во овој пост сакам да предупредам на можноста од истребување од нашите простори на една многу интересна група на птици.

Станува збор за БУВОВИТЕ (припаѓаат на групата Strigiformes).

Конкретно, во ANNEX I, од DIRECTIVE 2009/147/EC , меѓу останатите видови птици, како заштитени се наведени и следните видови бувови – Strigidae, Bubo bubo, Nyctea scandiaca, Surnia ulula , Glaucidium passerinum, Strix nebulosa, Strix uralensis, Asio flammeus и Aegolius funereu. Три од нив, Bubo bubo, Strix uralensis и Asio flammeus,  живеат и во Република Македонија.

Многу е важно да се знае дека и преку законската регулатива на Република Македонија се превземаат чекори за заштита на бувовите. Имено, во Законот за ловството, Службен весник на РМ, бр. 26 од 24.02.2009 година, во Член 3 се дефинира „Дивеч се одредени видови на животни и птици кои живеат слободно во природата или во оградени површини во кои интензивно се одгледуваат, размножуваат, заштитуваат и ловат“, па во Член 5 кој вели „Под дивеч, во смисла на овој закон, се подразбираат следниве видови животни и птици“ меѓу другите видови се наведени и:

116) голем ушест був (Bubo bubo L.);

117) шумски ушест був (Asio otus L.);

118) мочуришен був (Asio flammeus Pont.);

119) ќук-градинарски (Otus scops L.);

120) кукумјавка (Athene noctua Scop.);

121) шумски був (Strix aluco L.);

122) кукувија (Tyto alba Scop.);

Според истиот закон „Дивеч под заштита е: голем ушест був, шумски ушест був, мочуришен був, ќук-градинарски, кукумјавка, шумски був, кукувија“ (Член 9, став 2) и „Трајно се забранува ловење на: голем ушест був, шумски ушест був, мочуришен був, ќук-градинарски, кукумјавка, шумски був, кукувија“ (Член 13). Исто така „Забрането е уништување и присвојување на младенчиња, уништување и расипување на легла, гнезда или јајца од дивеч под заштита утврдено со овој закон“ (Член 14).

Она што не е предвидено и изрегулирано со ниту еден закон се нашата свест, нашиот начин на однесување и грижата за сопственото место за живеење. Тие остануваат само наша одговорност.

Да ги заштитиме бувовите…

НАТУРА 2000 во Македонија

Полека но сигурно се прават чекори мрежата НАТУРА 2000 да заживее и во Македонија. Во организација на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, во рамките на проектот „Заедно за Натура 2000“, се одржаа два семинари за здруженијата кои работат на полето на заштита на животната средина.

NATURA 2000 065

Првиот семинар се одржа од 7- 8.05.2011 година, во хотел Метропол, Струга, и беше посветен на Натура 2000 во целост, запознавање што представува НАТУРА 2000 и зошто е важно Македонија да работи во насока на нејзина имплементација. Предавачи на семинарот беа: Андреа Штефан од Хрватска (WWF) и Андреј Ковачев од Бугарија (Друштво за див животински свет “БАЛКАНИ”). Особено место на семинарот завземаа и активностите за развој на еколошката мрежа НАТУРА 2000 во Македонија, важноста на Берската конвенција која е наменета за Емералд подрачјата (Емералд е политика за заштита на ретките и загрозени видови на животни, билки и птици и е пандан на НАТУРА 2000, но е наменета за оние земји кои се кандидати за во ЕУ), за кои говореше Робертина  Брајковска од ГО “МЕД”. Заклучокот од овој семинар беше дека е неопходно да се создаде една групација од Граѓански организации од Македонија, кои заедно ќе работат на локалното спроведувањето на НАТУРА 2000.

Вториот семинар се одржа од 27 – 29.05.2011 година, во хотел Градски Парк, Скопје и беше  посветен на градење коалиции, партнерства и заедничко работење на граѓанските здруженија. Предавачи беа Павел Павлачик од Полска (Naturalists Club Poland) и Андреј Ковачев од Бугарија (Друштво за див животински свет “БАЛКАНИ”) и тие ги пренесоа нивните искуства од спроведувањето на процесот Натура 2000. Останатиот дел на семинарот беше насочен кон планирање на следните активности.

Од двата семинара произлезе формирање на група која ќе работи на НАТУРА 2000 во Македонија. Таа е составена од 14 граѓански организации и тоа: Еко Осоговија – Пробиштип, Грин Пауер – Велес, Биосфера – Битола, Грашница – Охрид, МЕЗ – Гостивар, Екумена – Струмица, Еко Свест – Скопје, ИДСБ – Скопје, ЗЗО ГРИНЕР – Скопје, ЦеПроСАРД – Скопје, СД ПЕОНИ – Скопје, МЕД – Скопје, Платформа КАЛЕН –Скопје и Еко Скоп – Скопје. Групата го имаше својот прв состанок, на 20.06.2011 година, во просториите на Британски совет во Скопје и одлучи истата во иднина да работи под името Коалиција „Натура 2000“.

НАТУРА 2000

НАТУРА 2000 представува политика за заштита на природата и биолошката разновидност во Европската Унија. Таа е мрежа на подрачја за заштита на природата низ ЕУ, востановена во склад со Директивата за живеалишта од 1992 година и Директивата за птици од 1979 година. Директивата за заштита на птиците и нивините живеалишта предвидува прогласување на Подрачја со посебна заштита ( – SPAs). SPA подрачјата се прогласуваат главно за заштита на најретките и најзагрозени видови на птици на европско ниво, вклучувајќи ги и миграционите видови на птици.

Целта на оваа мрежа е да се осигура долготраен опстанок на највредните и најзагрозени видови и живеалишта во Европа. Со горе наведените директиви се опфатени 230 типови на живеалишта, преку 1000 видови на билки и животни и преку 190 видови на птици кои се од големо значење за Европа, но и за светот.

Во НАТУРА 2000 подрачјата не е забрането да има човечки активности се додека тие активности не предизвикуваат загрозување на тие подрачја и видови. Всушност, НАТУРА подрачјата не представуваат строги резервати каде било какви активности се забранети. Изборот на овие подрачја е подкрепен со научни докази и критериуми се со цел да бидат заштитени оние видови кои се загрозени, кои се од големо значење за еколошкиот сиџир како и заштита на нивните живеалишта.

При изборот и прогласувањето на подрачјата од еколошката мрежа НАТУРА 2000 сите земји членки и земјите кандидати мораат да пројдат три фази на дијалог со Европската комисија. Тие три фази се :

1 фаза: Подготовка на национален попис на потенцијални подрачја за еколошката мрежа НАТУРА 2000

2 фаза: Одредување на подрачјата од важност за ЕУ ( –SCIs)

3 фаза: Номинирање на посебни подрачја на заштита ( – SACs)

НАТУРА 2000 е флексибилна и современа, таа овозможува одржлив развој за човекот, но и за природата. Во процесот на пристапување кон Европската унија, Македонија е обврзана да воспостави мрежа на „Натура 2000“ подрачја. Според Европското законодавство, воспоставувањето на оваа мрежа е една од клучните точки во процесот на пристапување кон Европската Унија.

Мораме да ги чуваме шумите …

Денеска, во рамки на седмата акција „Ден на дрвото – пролет 2011“, што се реализира под мотото „Ајде на садење, батали политика бар денес“, беа засадени околу 3 милиони дрвца, на површина од 755 хектари, на 70 локации, во 30 општини низ Македонија.

Интересно е да се знае дека со Резолуцијата на Генералното собрание на UN-број 61/193, 2011 година е прогласена за Меѓународна година на шумите.

Во текот на последните 200 години, човекот уништил повеќе од пола од природниот шумски свет на планетата Земја. Пожарите представуваат една од најголемите закани за шумите.Тие се честа појава во летните, сушни периоди. Од човечкото невнимание, годишно во просек во нашата земја со пожарите се уништува околу 615 хектари шума. Опасноста од ваквата закана мора сериозно да се сфати и да се интервенира со програмите за пошумување со видови кои се отпорни на суша. Но исто така треба да се обрне внимание при бирањето на видовите на дрво во однос на почвата, местоположбата, надморската височина и другите фактори.

Како закана на шумите се јавува и се почестата појава на непланското сечење на шумите. Минатата година бевме сведоци на непланското сечење на нашето шумско богатство – Моликата во националниот парк „Пелистер“. Моликата  (Pinus peuce) е ендемски вид на Балканот и представува терциерен реликт. Несаканиот настан на Пелистер не е единствен, за жал истото сценарио се случува и по другите планински региони во Македонија. Затоа е потребно да се изготви програма за однесување кон шумскиот фонд и негова целосна заштита.

Шумите имаат важна улога во спречувањето на ерозијата, во производството на кислород и намалување на емисија на јаглеродниот диоксид во атмосферата. Тие представуваат природно живеалиште на голем број птици, инсекти, животни и билки. Оваа симбиоза на жив свет е ставен во опасност при уништувањето на шумите. Секое делче на тој скриен свет си има свое значење на планетата Земја.

Затоа, да се заложиме за заштита на шумите, за заштита на нашето природно богатство, за иднината.