Posts Tagged ‘Був’

Амбарскиот був – важен и загрозен вид …

ambarski buv

Денеска е Светскиот ден на животните. Со овој пост сакаме да ја подигнеме јавната свест за еколошката важност и неговата улога во животната средина на еден посебен вид, но и да придонесеме кон неговата заштита.

Грабливите птици се важни во еколошката рамнотежа, тие собираат и се хранат со мрши, ја контролираат популацијата на глодарите, но јадат и разни штетници кои се штетни за плодовите. Бувовите кои се хранат во земјоделските области обезбедуваат поволности за луѓето, така што убиваат голем број на мали глодари, кои инаку би можеле да ги јадат посевите во полето или во складиштата.

Амбарски був (Тyto Алба)

Амбарскиот був е специјализирана и многу прилагодена птица, спремна да одговори на нејзината еколошка улога –  ловец на малите цицачи во услови на отворено живеалиште и слаба осветленост. Иако малите цицачи се користат за храна од страна на широк опсег на грабливки, вклучувајќи јастреб-глувчар, некои видови соколи, мачки, ласици и лисици (како и други бувови), ниту еден од овие не лови на ист начин како што тоа го прави амбарскиот був. Амбарскиот був има исклучително силен слух и вид, што го прави многу ефикасен ловец. Се вели дека амбарскиот був всушност може да го слушне срцето на глувчето во соба од 30 квадратни стапки (околу 10м2).

Амбарскиот був е птица на отворени села. Тие обично бараат храна со летање ниско над живеалишта со пасишта, со чести “интервали на лебдење” или седејќи сместени на некоја ограда или во дрвјата на рабовите на полињата. Амбарскиот був се наоѓа во отворени села, каде што има земјоделски површини, стари полиња или бавчи, но сепак повеќе сакаат да бидат во близина на пасишта, мочуришта и ливади. Пред Европското населување, живеалиштето на амбарскиот був веројатно се состоело од дабова савана во непосредна близина на прерија со висока трева.

Исхраната на амбарскиот був се состои главно од мали цицачи, со посебна предност за водените стаорци (Microtus spp.), ѓаволести глувчиња, кртови, млади стаорци, разни видови на глувци, а понекогаш и птици, или жаби и големи инсекти само ако е неопходно. Се проценува дека количината на внесената храна кај возрасните единки се движи од околу 50 до 150 g/ден, што е еквивалентно на 1-3 глувчиња дневно. Се проценува дека едно типично семејство на две возрасни и четири млади единки на амбарскиот був троши околу 1000 глодари во текот на 10-неделното хранење во годината кога младите се во гнездото.

Во секоја матична околина на амбарскиот був најверојатно има и други различни грабливки што јадат мали цицачи, но видовите меѓусебно немаат идентични исхрана или ист метод ловење. Иако постои добар дел од преклопување помеѓу видовите, има малку директна конкуренција затоа што еколошката улога на амбарскиот був е многу уникатна.

Бидете свесни дека …

Овие корисни птици, за жал, се особено подложни на истребување, делумно поради природниот еволутивна селекција, а делумно поради мешање на човекот. Бувовите се под закана и на други активности на луѓето. Тие се изложени на токсични хемикалии во шумарството и земјоделството, а тоа си зема данок кај некои видови бувови. Еден пример е труење со изложеност на инсектицид carbofuran, кој се користи за контрола на епидемијата од скакулци во земјоделските прерии.

Уште поважни се ефектите кои ги имаме како последица на губењето на живеалиштата на бувовите. Урбаниот, индустрискиот и развојот на земјоделството ги уништува живеалиште на повеќето видови на бувови и други автохтони видови, предизвикувајќи големи намалувања на нивната популација, па дури и нивно исчезнување од многу области.

Помош

Ние сме среќни што во Македонија постои организација која се грижи за опстанокот на бувовите во природата, да ги заштитува нивните гнездилишта, нивните млади и нивните ловишта. Целта на организацијата Macedonian Owl Trust е да придонесе за зголемување на фондот на бувовите во нашата земја со организирање на разни акции за поставување на куќички за гнездење на бувови, воспоставување мониторинг на сите евидентирани гнездилишта, прихрана и грижа на младите бувчиња со цел да го напуштат гнездото во поголем број.

Ако и Вие сакате да помогнете, сега е вистинското време. Оваа организација е во подготовка за изградба на куќи за гнездење кои ќе бидат поставени на различни локации во животната средина и ќе помогнат во зачувување и зголемување на бројот на загрозените бувови. Вие можете да донирате дрвени материјали (штици, шпер-плоча или иверица) и алатки и да придонесете во овој процес. Повеќе информации можете да најдете на страницата на Macedonian Owl Trust.

Ние сме дел од настанот Blog Action Day : World Animal Day 2011

CELEBRATE animal life in all its forms by blogging, tweeting and hosting events to celebrate their magnificance and wonder.

Пријателство во ноќта …

Во саботата, на 20.08.2011 година имав можност да го запознаам Водно во едно поинакво светло, или да бидам попрецизна „без светла“. Организацијата за заштита на бувови MOT- Macedonian Owl Trust и Dobra Voda-active по втор пат организираа ноќна прошетка, од средно Водно до Милениумскиот крст, и ни дозволија да се запознаеме и дружиме со три вида на бувови – кукумјавка (Athene noctua Scop.), амбарски був или кукувија (Tyto alba Scop.) и шумски ушест був (Asio otus L.).

Морам да кажам дека ова беше мојата прва средба со був. Бидејќи тие се категоризираат како грабливци, првото чувство кое се јавуваше беше стравот измешан со возбуда. Потоа е појави восхитот од совршеноста на пердувите и љубопитниот поглед. Дојде и радоста кога птицата застана на мојата рака и дозволи да ја допрам. Е дури тогаш заклучив дека јас всушност не знам ништо за нив.

Трите диви птици се покажаа како вистински пријатели. Ние се однесувавме со почит кон нив, а тие одговорија на сите наши желби без негодување – во ниту еден момент не покажаа агресија, се сликаа со нас, дозволуваа да бидат погалени, без проблем одеа од една на друга рака … како да сакаа да покажат дека нашиот проблем со нив е во самите нас.

Ноќната прошетка беше непроценливо искуство. Мотив повеќе да им се посвети внимание на овие птици. Во следните денови ќе пишувам повеќе за начинот на живот и важноста на бувовите. Добредојдени се и вашите знаења и искуства.

Да ги заштитиме бувовите …

Да ги заштитиме бувовите …

Како што претходно пишувавме, важен дел од Натура 2000 претставува Директивата за зачувување на дивите птици на ЕУ (Directive 2009/147/EC), донесена од Европскиот парламент и Советот на ЕУ на 30 ноември 2009 година (ова е кодифицираната верзија на Директивата 79/409/EEC, дополнета). Оваа Директива е најстариот дел од законодавството на ЕУ кое се однесува на природата и е една од најважните, создавајќи сеопфатна програма за заштита за сите диви птици кои природно се среќаваат во Унијата. Директивата била едногласно усвоена од земјите членки во 1979 година како одговор на зголемената загриженост за намалувањето на популацијата на диви птици во Европа, како резултат на загадување, губење на живеалиштата, како и неодржливо користење. Исто така, беше признато дека дивите птици, од кои многу се преселници, се заедничко наследство на земјите членки и дека нивната ефективна заштита бара меѓународна соработка.

Со желба да ја потенцирам нивната голема еколошка неопходност, во овој пост сакам да предупредам на можноста од истребување од нашите простори на една многу интересна група на птици.

Станува збор за БУВОВИТЕ (припаѓаат на групата Strigiformes).

Конкретно, во ANNEX I, од DIRECTIVE 2009/147/EC , меѓу останатите видови птици, како заштитени се наведени и следните видови бувови – Strigidae, Bubo bubo, Nyctea scandiaca, Surnia ulula , Glaucidium passerinum, Strix nebulosa, Strix uralensis, Asio flammeus и Aegolius funereu. Три од нив, Bubo bubo, Strix uralensis и Asio flammeus,  живеат и во Република Македонија.

Многу е важно да се знае дека и преку законската регулатива на Република Македонија се превземаат чекори за заштита на бувовите. Имено, во Законот за ловството, Службен весник на РМ, бр. 26 од 24.02.2009 година, во Член 3 се дефинира „Дивеч се одредени видови на животни и птици кои живеат слободно во природата или во оградени површини во кои интензивно се одгледуваат, размножуваат, заштитуваат и ловат“, па во Член 5 кој вели „Под дивеч, во смисла на овој закон, се подразбираат следниве видови животни и птици“ меѓу другите видови се наведени и:

116) голем ушест був (Bubo bubo L.);

117) шумски ушест був (Asio otus L.);

118) мочуришен був (Asio flammeus Pont.);

119) ќук-градинарски (Otus scops L.);

120) кукумјавка (Athene noctua Scop.);

121) шумски був (Strix aluco L.);

122) кукувија (Tyto alba Scop.);

Според истиот закон „Дивеч под заштита е: голем ушест був, шумски ушест був, мочуришен був, ќук-градинарски, кукумјавка, шумски був, кукувија“ (Член 9, став 2) и „Трајно се забранува ловење на: голем ушест був, шумски ушест був, мочуришен був, ќук-градинарски, кукумјавка, шумски був, кукувија“ (Член 13). Исто така „Забрането е уништување и присвојување на младенчиња, уништување и расипување на легла, гнезда или јајца од дивеч под заштита утврдено со овој закон“ (Член 14).

Она што не е предвидено и изрегулирано со ниту еден закон се нашата свест, нашиот начин на однесување и грижата за сопственото место за живеење. Тие остануваат само наша одговорност.

Да ги заштитиме бувовите…