Posts Tagged ‘храна’

Храната не е за во ѓубре !

Новогодишните и Божиќни празници ме наведоа на размислување на тема “Колку храна се фрла непотребно?”. Храната се подготвува во големи количини, бидејки човечкото око е ненаситно и трпезата треба да е полна, преполна, без разлика што само половина од тоа што е сервирано ќе се изеде, а останатото ќе заврши во кантите за отпадоци. Да не заборавме дека додека ние се однесуваме така неодговорно кон храната, многу луѓе одвај успеваат да обезбедат и еден оброк на ден.
Дали сте се запрашале колку храна дневно се фрла во светски рамки? Еве што велат податоците, во Америка само во 2010 година фрлени се 34 милиони тони храна од која само 3% се рециклирани т.е реупотребени, а останатите 33 милиони тони завршиле на депониите или во печките за нивно уништување. Да се надоврзам на погоре наведените бројки, едно просечно американско семејство годишно фрла непотребно 600 $ од својот буџет, преку неискористената храна која завршува како отпад. Оваа бројка мене искрено многу ме замислува, а вас?

И ситуацијата во ЕУ е загрижувачка. Бројките говорат дека во неа годишно се фрлаат 89 милиони тони храна, што е 179 килограми по жител. Институциите на ЕУ свесни за големината на проблемот веќе превземаат чекори за негово надминување, па така Европскиот Парламент на 19.01.2012 година преку Резолуција повика на донесување на итни мерки со кои ќе се преполови количеството храна што се фрла до 2025 година и ќе се  подобри пристапот до храна за оние на кои тоа им е потребно.

Денеска храната представува најголем процент од цврстиот отпад, што е нормално бидејќи без храната нема живот. Доколку посовесно пристапиме кон овој проблем и ги промениме нашите навики би имале и еколошки и економски добивки. Ако при влегувањето во маркетите или посетата на пазарите не купуваме се и сешто, туку само она што ни е навистина потребно и за кое имаме план дека би го искористиле во наредните неколку дена, тогаш значително ќе го намалиме отпадот од храна. Истовремено, повеќе денари ќе останат во нашите новчаници кои потоа би можеле да ги пренамениме за некоја друга цел или потреба.
Но да се вратам на мислата и самиот проблем. Храната не секогаш мора да заврши во кантата за отпадоци заедно со севкупниот отпад. На пример:
–    може да се даде на оние на кои им е потребна, секако доколку е сеуште употреблива. Во нашата земја постојат многу семејства кои живеат во сиромаштија, но и народни кујни каде оваа храна може најдобро да се искористи.
–    може да се направи квалитетен компост без пестициди и други хемиски додатоци. Со правилна преработка може да се подготви и високо квалитетна храна за домашните животни. За тоа како да се подготви компост пишувавме претходно.
–    може да и се продолжи рокот на траење на храната преку преработка. На пример:
1.    доколку доматите во фрижидерот почнале да омекнуваат, не чекајте сосема да се расипат, туку продолжете им го рокот на траење, со тоа што ќе ги иситните на парченца, ќе ги издинстате и на тој начин ќе направите сос од домати, кој понатаму ќе можете да го искористите во подготовката или како додаток на други јадења.
2.    Од оризот кој сте го подготвиле како прилог за ручек, може да подготвите дополнителен вкусен и хранлив оброк доколку му додадете зеленчук и зачини.

Вакви примери има многу, а нашите баби и мајки во минатото доста често ги применувале. За жал денес тоа како да го подзаборавивме и поедноставно ни е да се ослободиме од храната која ни останала фрлајки ја во ѓубре.
Би било убаво ако примерите кои ги наведувам допрат и до комерцијалните објекти, па храната која секојдневно се подготвува во рестораните, или храната на која роковите и се при крај – од рафтовите на маркетите и зелените пазари, би завршиле далеку од комуналниот отпад.
Затоа, во иднина, кога ќе отидете по набавка на храна размислете што ви е навистина потребно, дали би можеле и без тоа, или доколку ви остане храната како би се однесувале кон неа т.е каде истата би завршила.

Храна – избери здравје …

13037_165035777479_596222479_2671147_2574848_n

Во услови кога времето на сите ни е во дефицит и многу грижи ни тежат во секојдневието, подзабораваме на здравите навики во исхраната. Добро, јасно е дека развојот на технологијата донесе промени во начинот и во темпото на живеење, но размислете, кога последен пат вашето семејство се собра на топол, домашно подготвен, заеднички ручек?

Од една страна, фактите говорат дека се помалку се употребуваат и се приготвуваат свежи намирници, а се повеќе се посегнува по исклучително привлечната брзата храна (индустриски добиената храна). Најразличните видови пецива, грицки, колачи, сосови, производи од млечната и месната индустрија се наоѓаат во изобилие на рафтовите по маркетите и во кратко време го задоволуваат нашиот глад. Истовремено преку истите во нашиот организам се внесуваат над 300 видови на хемиски добиени адитиви и околу 50 видови на природни адитиви, додадени при производството, подготовката, обработката и пакувањето. Дозволете да напоменеме дека некои од адитивите имаат штетно влијание врз вашето здравје. Адитивите всушност се оние супстанции кои прават производите да останат свежи подолго време (да не се расипат – да го сменат вкусот, бојата, формата, да муфлосаат), а задолжително се бележат на пакувањето на производот со ознаката “Е”. Тоа е ознака според европските стандарди, но прифатена скоро низ целиот свет. Ако ве интересира повеќе за адитивите, може да прочитате на следниот линк.

Од друга страна, Вие имате избор каква храна ќе конзумирате. Вие можете и да не внесувате хемија во себе. Потсетете се дека во листата на храна се наоѓаат и категории наместо со адитиви, преполни со витамини и хранливи состојки кои ги задоволуваат потребите на организмот за здраво функционирање. Наша препорака се:

–         органска храна – одгледувана на чисти подрачја и без користење на пестициди и други видови на хемиски препарати

–         месо и месни производи од животни и живина кои не се одгледувани со вештачка храна и при нивниот раст и развој не им се давани хормони и антибиотици

–         традиционална храна – приготвена од плодовите кои виреат на нашето поднебје, на начинот на кој тоа го правеле нашите предци.

Не за џабе рекле „здравјето доаѓа од устата“. Храната не е само потреба, таа е лек и задоволство. Бидете внимателни кога избирате што ќе изедете. Размислете за тоа како се храните и направете важен чекор кон вашето подобро здравје. Искористете ги плодовите на природата, заменете ја индустриската храна со јаткасти плодови, семки, овошје и зеленчук од подрачјето од каде и што потекнуваат, заменете ги газираните и вештачки сокови со свежо цедени сокови или едноставно со чиста вода… и бидете здрави и среќни.

Суверенитет на храната

По враќањето од Европскиот форум за храна Ниелени кој се одржа во Кремс, Австрија, најчесто поставувано прашање кое ми го упатуваа кога зборував за самиот форум и искуствата од таму, беше:

Што точно представува СУВЕРЕНИТЕТ НА ХРАНАТА?

Суверенитет на храната (СХ) представува право на луѓето на здрава, квалитетна и еколошки исправна храна, која не е генетски модифицирана и е произведена преку еколошки и одржливи методи, поточно, методи кои не ја уништуваат природата, нејзините ресурси и биодиверзитетот. Таа се насочува кон одржлив и чесен однос кон природата.

СХ ги става на највисоко ниво интересите и потребите на помалите производители, дистрибутерите на храна, како и на оние кои ја консумираат истата. Суверенитетот создава стратегија за спротиставување на моменталната корпоративна трговија и создава можност корисниците и локалните производители во земјоделието, сточарството и рибарството да донесуваат одлуки. Приоритети на СХ представуваат локалните и национални економии и пазари, јакнење на семејното земјоделско производство, подобрување на условите за работа на производителите и дистрибутерите. Истовремено се внимава и на заштитата на правата на потрошувачите, правото да ја контролираат својата храна и правото на здрава храна.

СХ има и една поширока димензија – се заснова и ги почитува основните човековите права. Нејзина цел е обезбедување на правото на користење и управување со земјата, водата, семињата, стоката и биодиверзитетот. Таа подразбира и нови друштвени односи без угнетување и нееднаквост меѓу половите, генерациите, народите, расните групи, социјалните и економски класи. Преку неа луѓето добиваат право демократски да ги дефинираат своите сопствени прехрамбени и земјоделски системи без нанесување штета на другите луѓе или околината.

Дали сте размислувале за храната во оваа насока и дали Вие би се вклучиле во активности поврзани со суверенитетот на храната?

Суверенитет на храната, европски одговор на кризата

Претставник на Гринер беше дел од деветчлената делегација која ја претставуваше Македонија на Nyeleni Europe 2011: European Forum for Food Sovereignty (Европскиот форум за суверенитет на храната Ниелени Европа 2011), кој се одржа од 16-ти до 21-ви Август, во Кремс, Австрија.

Ви го пренесуваме официјалното соопштение за печат, по повод завршувањето на Форумот.

„Граѓанското општество да има поголемо, посериозно влијание врз производството, преработката и дистрибуцијата на храна, наспроти глобалните аграрни политики, е заклучокот од Европскиот форум за суверенитет на храната Ниелени Европа 2011 што се одржуваше изминатите пет дена во Кремс, Австрија.

На форумот беше потпишана првата Европска декларација за суверенитет на храната.

Преку 400 делегати од европски земји, меѓу кои и претставници од Македонија се заложија на зајакнување на нивниот колективен капацитет за враќање на контролата врз системот на храна во рацете на заедниците, за давање отпор на агро-индустриските системи и за проширување и консолидирање на силно европско движење за суверенитет на храната.

Повеќе од 120 организации и поединци кои го претставуваат граѓанското општество и социјалните движења дискутираа за влијанието на тековните европски и глобални политики. Развија сеопфатна платформа и пакет принципи за постигнување суверенитет на храната во Европа.

Форумот го нагласи придонесот на младите луѓе, жените и производителите на храна, чии сугестии и предлози се често занемарени.

Интензивните дискусии и размената на искуства овозможија Ниелени Европа 2011 да идентификува заедничка рамка и да дефинира акциски план.

– Промената на нашиот систем за храна е првиот чекор кон поширока промена во нашите општества. Бараме суверенитет на храната во Европа сега, порачува Декларацијата.

Делегатите на Форумот силно се заложија да го земат системот на храна во своите раце преку заедничко работење кон постигнување еколошки одржлив и социјално правичен модел на производство и потрошувачка на храна заснован на неиндустриско земјоделство, преработка и алтернативна дистрибуција, децентрализирање на системот на дистрибуција и скусување на синџирот меѓу производителите и потрошувачите, подобрување на работните и социјалните услови особено на полето на храната и земјоделството, демократизирање на процесот на донесување одлуки за употребата на заедничките вредности и наследства (земјиште, вода, воздух, традиционално знаење, семиња и добиток), како и осигурување дека јавните политики на сите нивоа гарантираат виталност на руралните области, правични цени за производителите на храна и безбедна, генетски немодифицирана храна за сите.

На Ниелени Европа 2011 учесниците ја реафирмираа визијата за единство која го истакнува правото на сите народи да ги дефинираат своите политики и системи за храна и земјоделство без да наштетуваат ниту на луѓето, ниту на природните ресурси, што воедно и имплицира суверенитетот на храната.

Текстот на соопштението е превземен од МИА.

%d bloggers like this: