Posts Tagged ‘рециклирај’

Што можеш ТИ да направиш во врска со е-отпадот?

Бидејќи цела 2011 година напорно работевме на промоција на одговорното управување со отпад, така и ќе завршиме. Ова е последниот од серијата написи со акцент на е-отпадот. Продолжуваме следната година …

Како што и предходно пишувавме, е-отпадот во моментов е најбрзо растечка компонента на цврстиот комунален отпад, а тоа се должи на фактот што технолошкиот развој е најголем до сега. Светските податоци покажуваат дека во моментов мобилните телефони и компјутерите предизвикуваат најмногу проблеми бидејки тие се најчесто заменувани (од од електронската опрема).
За пример еве неколку информации:
•    Просечниот работен век на компјутерите во развиените земји опаднал од 6 години во 1997-ма, на само 2 години во 2005-та.
•    Мобилните телефони во развиените земји имаат животен век од одвај 2 години.
•    Во 2010-та на светскиот пазар во употреба се пуштени 716 милиони нови компјутери кои на депониите ќе завршат за две години.
•    Се проценува дека 50 милиони тони е-отпад се создава секоја година, а само 15-20% од него се рециклира.

Главното прашање е „Што можеш ТИ да направиш во врска со е-отпадот?“

Секој продукт кој го купуваме – од нов телевизор до сендвичот за ручек – морал да биде дизајниран, произведен од некоја суровина, спакуван, транспортиран, продаден, употребен и на крај фрлен. Тоа значи дека истиот често може да заврши во земјата повторно, но овој пат како ѓубре.
Еве размислете, понекогаш купуваме електрични уреди и ситници за чија изработка се употребени скапоцени ресурси, потрошено е големо количество на енергија, транспортирани се на големи далечини и на крај завршуваат во земјата како нејзин отров, без воопшто да бидеме свесни за тоа.

3Р стратегијата – рециклирај, реупотреби, редуцирај (3R strategy – recycle, reuse, reduce) има за цел да ја намали количината на отпад која завршува на депониите. Поставувањето на едноставни прашања може да ни помогне да внесеме мали измени во секојдневното однесување кои ќе предизвикаат големи влијанија врз животната средина, другите луѓе, па и врз нас самите.

Ако сакаш да и помогнеш на животната средина да остане чиста, а ти да имаш добро здравје, прашањата кои треба да се имаат на ум кога се оди на купување се:
1.    Дизајн – Дали може да бидам поодговорен во своето купување?
2.    Количина – Дали поседувам некои електрични производи кои не ми се многу потребни?
3.    Дали може да рециклирам некои од предметите кои веќе не се за употреба?

ПРЕПОРАКА: Купувај помалку
Немој да ја менуваш електричната и електронска опрема само за да бидеш во тренд со најновите технолошки пронајдоци. Или доколку веќе има одлука за таков чекор, погрижи се на опремата да го има знакчето за Eco-friendly производи. Ова знакче означува производи кои може да се рециклираат и не ја загадуваат природата во големи размери.
–    Чувај ги своите работи подолго. Запрашај се дали навистина ти треба нов мобилен или можеби една надоградба ќе заврши работа.
–    Користи виртуелни сервиси. На пример, наместо да купиш CD можеш да го симнеш твојот омилен албум од интернет.

ПРЕПОРАКА: Реупотреба пред купување нешто ново
–    Донирај. Доколку стариот компјутер, мобилен, телевизор итн. си го заменил со нов, а истиот апарат е сеуште функционален, донирајте му го на некого кој има потреба од него. На тој начин ќе постигнеш еколошки, но и економски бенефит.
–    Избирај продукти кои може да се реупотребат.
–    Позајми. Работи кои ти требаат повремено подобро е да ги позајмиш од пријател.
–    Купувај половни работи. Ваквото купување штеди ресурси.
–    Поправи.

ПРЕПОРАКА: Рециклирај го е-отпадот
–    Рециклирај. Е-отпадот од дома и од канцеларија не го фрлај покрај контејнерите за севкупниот отпад, туку однеси го на местата за собирање на е-отпад. Може да се договорш со фирмите кои нудат можност да го преземат стариот апарат и да го рециклираат. Има и фирми кои ја преземаат старата опрема и со одредена доплата ја заменуваат со нова.
–    Купувај производи од рециклирани материјали. Со купување на такви производи помагаш да се затвори кругот на животната средина. Истовремено го развиваш пазарот за рециклирани производи и го поддржуваш економскиот развој.

И на крај, пред да го донираш или предадеш својот компјутер или мобилен на рециклирање, немој да заборавиш да ги отстраниш своите лични и друг вид на битни информации од нив.
Сите информации поврзани со е-отпадот во Република Македонија може да ги најдете на страницата www.e-otpad.mk.

Responsibility is just the difference between knowing about something and doing something to make it better (Sewel, 1998)

Advertisements

Хартија – рециклирајте!

 

Рециклирањето е поделба на материјали од отпадот и негова повторна употреба. Вклучува собирање, сепарација, преработка и производство на нови производи од веќе искористени предмети и материјали. Многу е важно да се направи правилна поделба на отпадот така што многу материјали може повторно да се користат ако тие се собираат/селектираат пооделно. Без воведување на рециклирањето во секојдневниот живот, тешко може да се замисли процесот на управување со отпад.

Што може да се рециклира? Сите материјали што во својот состав имаат хартија, стакло, картон, алуминиум, железо, керамика, пластика (полимерни материјали), итн.

ХАРТИЈА – ЗОШТО?

Хартијата се добива со преработка на дрвата со помош на различни хемиски средства и при тој процес доаѓа до уништување на големи површини на шуми и загадување на околината. Собирањето на старата хартија и нејзино рециклирање придонесува за :

  • помала штета врз животната средина
  • 60 % заштеда на енергија во однос на добивање на хартија од дрво
  • 15 % помала потрошувачка на вода во однос на добивање на хартија од дрво

Во земјите на европската унија на годишно ниво се преработува измеѓу 50-60 % на отпад од кој најголемиот дел се однесува на преработка во металската индустрија, а потоа следи преработка, рециклирање и повторно производство на хартија па затоа и собирањето и селектирањето на стара хартија, која е основна суровина во тој процес е една од најдобро организираните работи. Покрај тоа што рециклирањето на хартија значајно влијае врз животната средина во позитивна насока, исто така овој вид на преработка преставува и профитабилен бизнис. Австриската групација “MM” која покрива повеќе од 60 % од европскиот пазар каде што годишно пласира околу 1.5 милиони тони различни видови картони, во најголемиот дел го води бизнисот на производство од рециклирање. Исто така големиот производител “RENO DE MEDICI” годишно испорачува околу милион тони картонска амбалажа.

Брз и едноставен начин на рециклирање-само за 15-30 минути од картонска кутија до хартија за повторна употреба.

Најраспрост начин за рециклирање на искористени амбалажни каронски кутии од пијалоци е процесот на одвојување на влакна во фабриките за рециклирање на хартија. Процесот опфаќа ставање на хартијата и кутиите во големи буриња со вода во кои се мешаат. Со ова мешање се раздвојуваат влакната со што хартијата брзо се раложува. Влакната упиваат вода и се претвараат во голема смеса на водени/разводенети влакна. Сите нехартиени елементи како што на пример пластиката испловуваат на површина или потонуваат на дното така да можат лесно да се извадат со стругање или просејување низ сито. Овој процес обично трае 15-30 минути и го извлекува поголемиот дел од влакната. Добиените влакна понатаму можат да се употребат за производство за весници, хартиени кеси, хартиени марамчиња, ребраст картон за кутии и така натаму.

Какви видови на хартија може да се рециклираат?

Сите видови на тетратки, тефтери, нотеси, испишани листови на хартија, списанија, весници, рекламни пораки и флаери, хартија за копирање во боја, коверти, картонски кутии, картони за завиткување, картонски кеси, сите типови картони од купените производи во малопродажба и големопродажба, картонски амбалажи во кои се пакувани млеко, јогурт, сокови и така натаму и така натаму.

СОВЕТИ

  1. Рециклирајте хартија – не ги фрлајте весниците! Со еден тон собрана хартија ќе спасите уништување и сечење на дрвата!
  2. Рециклирајте хартија – со преработка и рециклирање на стара хартија користиме 15 % помалку вода. Некои податоци говорат дека со рециклирање на еден тон канцелариска хартија, спасуваме 17 стебла на дрва, штедиме 4200 киловати енергија и 32000 литри вода !
  3. Направете селектирање на хартијата од стаклото, пластиката, металот, органскиот отпад и фрлајте ја во посебни контејнери и канти кои се наменети исклучиво за хартија – така ќе придонесете хартијата да заврши на рециклирање наместо во депонија !
  4. Употрбувајте еден производ од хартија повеќе пати!
  5. Лобирајте за усвојување на закони во Република Македонија за задолжително селектирање на отпадот и рециклирање на хартијата!

Авторот е член на Гринер,

дипломиран инженер технолог – полимерно инженерство.

*

** Овој блог пост е поддршка на Гринер за

     World paper free day 2011

%d bloggers like this: