Posts Tagged ‘Здравје’

Како се реализираше проектот Go Clean …

 

9.12.11 Parlament 046

Гринер изминативе два месеци активно учествуваше во реализацијата на проектот Go Clean. Проектот има цел:

  • да ja подржи  имплементацијата на Законот за батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори,
  • да ја подигне јавната свест за штетноста од батериите
  • да иницира систем за управување со отпадните батерии.

Веќе ве информиравме за еднодневниот семинар во ЕУ Инфо Центарот во Скопје, кој се одржа на 8 Ноември, а со кој официјално започна спроведувањето на проектот. Оттогаш следуваа низа на активности поделени во три фази
1.    Информативно-едукативна кампања по школите и факултетите
Кампања стартуваше на 12-ти Ноември со Семинар за опасен отпад, кој се одржа на Економскиот факултет во Скопје. Беше испланирано да бидат опфатени, 28 основни училишта, 10 средни училишта и 8 факултети, но бројката на училишта и понатаму расте бидејки интересот од страна на директорите и професорите од училиштата кои ги посетија и проследија Инфо – презентациите во општините беше голем. Тие пројавија интерес вакви презентации да бидат испрезентирани и пред нивните ученици и вработени. Па од тука се продлабочи соработката и се проширија границите на проектот.
2.    Информативни презентации во локалните самоуправи
Во периодот 02.12 – 23.12, еднодневни информативни презентации (Инфо-денови) беа одржани во просториите на Општина Куманово, Општина Тетово, Општина Велес, Општина Зелениково, Општина Центар, Општина Кисела Вода, Општина Карпош и Општина Аеродром. Вакви презентации имаше и во Парламентот на Република Македонија и во големата сала на Советот на Град Скопје.
Инфо-деновите дадоа и можност за отворена дискусија со присутните гости. Интересно е тоа што секаде се истакна потребата од организирање на повеќе вакви настани (отворени трибини, делење на пишани информативни матријали, итн) како би можеле граѓаните да бидат поинформирани за проблематиката и вооедно би се приклучиле во кампањата.
Проектот Go Clean е замислен како пилот проект, но има тенденции да прерасне во национална кампања за собирање на отпадните батерии низ цела Македонија. Идејата е во таа кампања да се вклучат и другите општини во државава, да соработуваат и други граѓански организации, а се со цел да се овозможи поефикасно спроведување на Законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори, што би водело кон заштита од уништување нашата земја.
3.    Кампања за собирање на искористените батерии
По завршувањето на секој Инфо-ден, на секоја од општините и се подари специјална кутија за собирање на старите искористени батерии. Со овој гест општината официјално се приклучува во кампањата за собирање на старите искористени батерии.
Освен во општините, исти такви кутии се поставени и во сите маркети на ВЕРО, РАМСТОР, КАМ Маркет и ТИНЕКС. Тоа се местата каде граѓаните можат да ги оставаат своите искористени батерии. Кампања за собирање на празните батерии по маркетите започна на 01.12.2011 година и е во тек.

Искористете ги пред-празничните пазарувања и однесете ги старите батерии кои го имате дома до кутиите наменети за нив. Погрижете се за своето здравје и помогнете и на животната средина. Сепак, ова е период во годината кога најмногу се прават добри дела…

Храна – избери здравје …

13037_165035777479_596222479_2671147_2574848_n

Во услови кога времето на сите ни е во дефицит и многу грижи ни тежат во секојдневието, подзабораваме на здравите навики во исхраната. Добро, јасно е дека развојот на технологијата донесе промени во начинот и во темпото на живеење, но размислете, кога последен пат вашето семејство се собра на топол, домашно подготвен, заеднички ручек?

Од една страна, фактите говорат дека се помалку се употребуваат и се приготвуваат свежи намирници, а се повеќе се посегнува по исклучително привлечната брзата храна (индустриски добиената храна). Најразличните видови пецива, грицки, колачи, сосови, производи од млечната и месната индустрија се наоѓаат во изобилие на рафтовите по маркетите и во кратко време го задоволуваат нашиот глад. Истовремено преку истите во нашиот организам се внесуваат над 300 видови на хемиски добиени адитиви и околу 50 видови на природни адитиви, додадени при производството, подготовката, обработката и пакувањето. Дозволете да напоменеме дека некои од адитивите имаат штетно влијание врз вашето здравје. Адитивите всушност се оние супстанции кои прават производите да останат свежи подолго време (да не се расипат – да го сменат вкусот, бојата, формата, да муфлосаат), а задолжително се бележат на пакувањето на производот со ознаката “Е”. Тоа е ознака според европските стандарди, но прифатена скоро низ целиот свет. Ако ве интересира повеќе за адитивите, може да прочитате на следниот линк.

Од друга страна, Вие имате избор каква храна ќе конзумирате. Вие можете и да не внесувате хемија во себе. Потсетете се дека во листата на храна се наоѓаат и категории наместо со адитиви, преполни со витамини и хранливи состојки кои ги задоволуваат потребите на организмот за здраво функционирање. Наша препорака се:

–         органска храна – одгледувана на чисти подрачја и без користење на пестициди и други видови на хемиски препарати

–         месо и месни производи од животни и живина кои не се одгледувани со вештачка храна и при нивниот раст и развој не им се давани хормони и антибиотици

–         традиционална храна – приготвена од плодовите кои виреат на нашето поднебје, на начинот на кој тоа го правеле нашите предци.

Не за џабе рекле „здравјето доаѓа од устата“. Храната не е само потреба, таа е лек и задоволство. Бидете внимателни кога избирате што ќе изедете. Размислете за тоа како се храните и направете важен чекор кон вашето подобро здравје. Искористете ги плодовите на природата, заменете ја индустриската храна со јаткасти плодови, семки, овошје и зеленчук од подрачјето од каде и што потекнуваат, заменете ги газираните и вештачки сокови со свежо цедени сокови или едноставно со чиста вода… и бидете здрави и среќни.

Црната вода …

Пред некој ден, на вести имаше прилог за истекување на отпадна вода од депонијата Дрисла во Маркова Река и изјава на првиот човек на ЈП „Дрисла“, во која меѓудругото тој вели „Таа во принцип изгледа страшно, мислам, водава кога ќе ја видите црна, но таа е црна затоа што поминува низ отпадот. Таа сигурно содржи опасни материи, дефинитивно, како што содржи секоја канализациона цевка, да кажеме, сигурно концентрациите се поголеми.“ Целосната изјава и прилог за настанот може да погледнете на следниот линк.

Не сакајќи да останам рамнодушна на она што се случува со животната средина би сакала да укажам што всушност се наоѓа во таа отпадна вода и зошто таа не само што изгледа страшно, туку е навистина страшна за околината и за здравјето на луѓето.

Главните потенцијални влијанија врз животната средина поврзани со исцедокот од депонијата се загадувањата на подземните и на површинските води. Во депонија која добива мешавина на општински, комерцијалeн и мешовит индустриски отпад, но исклучува значителни износи на специфичeн хемиски отпад, исцедокот од депонијата може да се карактеризира како воден раствор на четири групи на загадувачи:

  • Растворени органски материи – алкохоли, киселини, алдехиди, шеќери со краток синџир итн.
  • Неоргански макрокомпоненти – калциум, магнезиум, натриум, калиум, амониум, железо, манган, алуминиум, хлориди, сулфати и водород карбонат.
  • Тешки метали: кадмиум, хром, жива, бакар, олово, никел и цинк.
  • Ксенобиотични органски соединенија (XOCs) како што халогенирани органски соединенија (ПХБ[1], диоксини) со потекло од домаќинствата или индустриските хемикалии. Овие соединенија, меѓудругото, вклучуваат и различни ароматични јаглеводороди, феноли, хлорирани алифатски соединенија, пестициди и пластификатори.

Во исцедокот од депониите може да се најдат и други соединенија, како на пример борати, сулфиди, арсенати, селенати, бариум, литиум и кобалт.

Табелите[2] подолу ги покажуваат можните здравствени ефекти на некои хемикалии кои можат да се најдат во отпадот од домаќинствата и кои завршуваат во депонија. Ако истите не се правилно контролирани може да „истечат“ во животната средина, во форма на исцедок од депонијата. Во нашиот случат тоа е „црната вода“ која се влева во реката.

Табела 1:

Хемикалија

Извор

Здравствени ефекти при  акутна изложеност

Толуен/ксилен

Лепила и бои

Еуфорија, конвулзии, кома …

Феноли и крезоли

Бои

Огнена болка во устата и грлото, гадење, повраќање, дијареа …

Бензен

Растворувач, почетен материјал во хемиските производства

Единечна изложеност веројатно нема да предизвика проблем.

Никел

Производство на батерии, боење на керамика и стакло

Кожа – иритација и дерматитис
Голтање – стоматитис, гингивитис и можна дијареа.

Кадмиум смеси

Бои и батерии

Голтање – мали количини – гадење и дијареја во рок од 15-30 минути. Поголеми количини влијаат на метаболизмот на калциум и цинк, предизвикува фацијален и пулмонален едем.
Кожа – иритација.

Олово

Оловна боја, керамика, козметика

Опасни болки во стомакот, дијареа со црна столица, повраќање, хипотензија, грчеви, главоболка, конфузија, сонливост, кома …

Жива

Лампи, термометри

Крвава дијареа, дехидрација, циркулаторен колапс, протеинурија и ренална инсуфициенција…

Табела 2:

Хемикалија

Здравствени ефекти при хронична изложеност

Толуен/ксилен

Вентрикуларни аритмии, хепатална и бубрежна некроза

Феноли и крезоли

Ренална инсуфициенција

Бензен

Хематолошки абнормалности

Никел

Кадмиум смеси

Пареи – анемија, оштетување на бубрезите, можен рак на простатата и на белите дробови.

Олово

Анорексија, болки во стомакот и запек. Токсичен мегаколон, главоболки, замор, депресија, проксимална ренална тубуларна дисфункција, хронична нефропатија и хипертензија.

Жива

ЦНС (централен нервен систем) – раздразливост, тресење, губење на меморијата, напади, кома
Респираторни – некротизирачки бронхитис, белодробен едем, ARDS, белодробна хеморагија.
ГИ (гастроинтестинален) – метален вкус, повраќање, дијареа, стоматитисБубрежни – протеинурија, хематурија и акутна ренална инсуфициенција
Хематолошки – тромбоцитопенија …

Напоменувам дека информациите презентирани во овој пост не се однесуваат директно на составот на исцедокот од депонијата Дрисла, туку даваат генерални информации за најчестите загадувања од депониите и имаат за цел да го привлечат вниманието кон превземање на мерки за заштита на животната средина, со цел заштита на нашето здравје. Истовремено уште еднаш укажувам на потребата од правилно и одговорно управување со отпадот.

Останува да веруваме дека колекторот кој ќе го прочистува исцедокот од Дрисла ќе биде готов за два месеца и да се надеваме дека никогаш повеќе нема да ја видиме оваа слика со црна вода.


[1] ПХБ или Полихлорираните бифенили се среќаваат во е-отпадот, кој завршува на депониите. Тие многу се користат при производството на трансформатори и во кондензатори. Токсични се и може да имаат сериозни ефекти врз црниот дроб, нервниот и репродуктивниот систем и може да предизвикаат рак .

[2] Табелите се превземени од следниот линк

Е-отпад? Што? Како? (прв дел)

„Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема“ ја категоризира електричната и електронска опрема како:

1)      големи домашни апарати;

2)      мали домашни апарати;

3)      опрема за информатичка технологија и телекомуникација;

4)      опрема за широка потрошувачка и забавна електроника;

5)      опрема за осветлување;

6)      електрични и електронски апарати (освен големи неподвижни индустриски орудија);

7)      електрични и електронски играчки и опрема за забава и спорт;

8)      медицински апарати (освен апарати кои можат да предизвикаат радијација или инфекција);

9)      инструменти за следење и контрола, и

10)   автомати.

Под е-отпад се подразбира отпад од електрична и електронска опрема.

Светот се соочува со експанзија во развојот на технологијата, па и ние стануваме дел од големото потрошувачко општество – купуваме, трошиме, фрламе … За жал, најчесто нашата непотребна електрична и електронска опрема несоодветно ја отфрламе и таа завршува заедно со останатиот севкупен отпад на градските депонии, на дивите депонии, по подрумите, таваните или на други места – што подалеку од нашите очи.

Дали некогаш сте се запрашале што се случува понатаму со вашиот компјутер, телевизор или друг апарат од домаќинството од кој сте се ослободиле на овој или оној начин ??? Што мислите, какво е нивното влијание врз животната средина и здравјето на луѓето?

За да ве поттикнеме на размислување …

Е-отпадот содржи многу штетни материи, кои негативно влијаат врз животната средина и за здравјето на луѓето и животните доколку неправилно се ракува со истите. Со неадекватно, неодговорно, постапување со ваквиот вид на отпад и негово одложувањe во природата директно ги загадуваме почвата и водата. Особено е важно да се истакне присуството на:

Олово – може да го оштети централниот и периферниот нервен систем на човекот, регистрирани се ефекти на ендокриниот систем, а може да влијае на кардиоваскуларниот систем и бубрезите. Оловото се акумулира во животната средина и има високи акутни и хронични токсични ефекти врз растенијата, животните и микроорганизмите.

Кадмиум – класифициран како токсичен со можен ризик од неповратни ефекти по човековото здравје. Кадмиум и соединенијата од кадмиум се акумулираат во човековото тело, особено во бубрезите, па со текот на времето може да доведат до сериозни оштетувања. Со продолжена изложеност на кадмиум хлорид може да биде предизвикан рак.

Жива – Метилот на живата лесно се акумулира во живите организми и се концентрира низ синџирот на исхрана преку рибата. Метилот на жива има хронични ефекти, и предизвикува оштетување на мозокот.

Хексивалентен хром (VI хром) лесно се апсорбира и произведува различни токсични ефекти во келиите. Хромот VI предизвикува многу јаки алергиски реакции, на пример астматичен бронхит. Хромот VI се смета за генекотоксичен, потенцијално штетен за ДНК.

Бромовани успорувачи на горење на пламенот – редовно се користат во електронски производи како средство за заштита од запалување. Повеќе научни опсервации укажуваат на тоа дека полибромираните дифенилетри (PBDE) дејствуваат на ендокриниот систем. Кога полибромираните бифенили (PBB) ќе се испуштат во животната средина, тие можат да влезат во синџирот на исхрана.

 продолжува …

Време е за чистење: Кон почисто утре

Иако месецов започна во знакот на Европското првенство во кошарка, сепак ние ќе продолжиме во знакот на зеленото живеење.

Некако традиционално со овој месец започнуваат подготовките на зимниците и есенските чистења. Нашата цел е да ве натераме да размислите што правите со непотребните работи од вашиот дом.

Затоа, под мотото „cleaner.“ (почисто.) месец септември го посветуваме на управувањето со отпад и неговата важност. Во овој месец очекувајте активности и постови посветени на е-отпадот, отпадните батерии, пластичниот отпад, итн.

За почеток, имајте на ум дека внимателното управување со отпадот ги минимизира негативните ефекти врз животната средина и здравјето на луѓето.

Во овој контекст, имате ли Вие тема за која би сакале да читате?

Суверенитет на храната

По враќањето од Европскиот форум за храна Ниелени кој се одржа во Кремс, Австрија, најчесто поставувано прашање кое ми го упатуваа кога зборував за самиот форум и искуствата од таму, беше:

Што точно представува СУВЕРЕНИТЕТ НА ХРАНАТА?

Суверенитет на храната (СХ) представува право на луѓето на здрава, квалитетна и еколошки исправна храна, која не е генетски модифицирана и е произведена преку еколошки и одржливи методи, поточно, методи кои не ја уништуваат природата, нејзините ресурси и биодиверзитетот. Таа се насочува кон одржлив и чесен однос кон природата.

СХ ги става на највисоко ниво интересите и потребите на помалите производители, дистрибутерите на храна, како и на оние кои ја консумираат истата. Суверенитетот создава стратегија за спротиставување на моменталната корпоративна трговија и создава можност корисниците и локалните производители во земјоделието, сточарството и рибарството да донесуваат одлуки. Приоритети на СХ представуваат локалните и национални економии и пазари, јакнење на семејното земјоделско производство, подобрување на условите за работа на производителите и дистрибутерите. Истовремено се внимава и на заштитата на правата на потрошувачите, правото да ја контролираат својата храна и правото на здрава храна.

СХ има и една поширока димензија – се заснова и ги почитува основните човековите права. Нејзина цел е обезбедување на правото на користење и управување со земјата, водата, семињата, стоката и биодиверзитетот. Таа подразбира и нови друштвени односи без угнетување и нееднаквост меѓу половите, генерациите, народите, расните групи, социјалните и економски класи. Преку неа луѓето добиваат право демократски да ги дефинираат своите сопствени прехрамбени и земјоделски системи без нанесување штета на другите луѓе или околината.

Дали сте размислувале за храната во оваа насока и дали Вие би се вклучиле во активности поврзани со суверенитетот на храната?

Заштеда на вода во вашиот дом …

Водата е од суштинско значење за животот на земјата. Водата ни е потребна за одгледување на храна, одржување на чистота, обезбедување енергија, контрола на огнот, и последно, но не и најмалку важно, водата ни е потребна да не одржи во живот! Заштедата на вода е важна за земјата, за вашето семејство и за вашата заедница.
Постојат многу едноставни работи што може да ги направите за да заштедите вода.

  1. Кога ги миете рацете, додека се сапунисувате, не ја оставајте водата да тече.
  2. Затворете ја водата откако ќе ја намокрите вашата четка за заби и заштедете 95 литри вода месечно. Нема потреба да ја оставите водата да тече додека ги четкате забите. Само намокрете ја вашата четка и наполнете чаша со вода за плакнење на устата. Да за​​штедите и вода и време, мијте си го лицето или четкајте заби додека се туширате.
  3. Туширајте се пократко. Еден од начините да се намали користењето на вода е да го запрете течењето на вода додека се сапунисувате, а потоа да ја пуштите водата и да се исплакнете. Друг начин за заштеда е да ја замените главата на тушот со верзија која има ултра низок проток на вода. Само како ориентација, за туширање од четири минути користите од 75 до 150 литри вода.
  4. Проверете дали вашиот дом е безбеден од протекување, затоа што многу домови имаат скриени места од каде што им протекува вода. Прочитајте си го водомерот пред и по два часа, во период кога не користите вода. Ако водомерот не покажува сосема иста состојба, тогаш со сигурност имате некое место од каде ви протекува вода.
  5. Поправете ги славините кој капат со замена на нивните гумички. Ако вашата славина капе со интензитет од една капка во секунда, може да очекувате да изгубите околу 10.220 литри вода годишно, количина која ќе биде додадена на сметката за вода и комуналии, или ќе го оптовари вашиот септички систем.
  6. При миење на садовите со рака, не оставајте ја водата да тече. Наполнете еден мијалник или поголем сад со вода со сапуница, а потоа брзо исплакнете ги садовите под слаб млаз на вода која тече од чешмата.
  7. Пуштете ги машината за садови и машината за перење да работат само ако ги имате целосно наполнето. Програмирајте за машината за перење за работа на пониски параметри отколку што мислите дека се неопходни и вашата облека ќе биде чиста и со помалку вода. Кај машината за миење садови изберете краток циклус.
  8. Не користете вода за одмрзнување на месо – одмрзнувајте го во фрижидер.
  9. Измијте ги овошјето и зеленчукот во сад со вода наместо под млаз вода од чешмата. Користената вода од садот ќе може повторно да се искористи – за полевање на растенијата во вашиот дома.
  10. Чувајте шише со вода за пиење во фрижидер. Тоа е подобро отколку да ја истекувате водата од чешма, секогаш кога ќе сакате чаша студена вода.

Дали знаете повеќе корисни совети за заштеда на вода? Ве молиме да ги споделите со нас.

%d bloggers like this: