Posts Tagged ‘Заштита’

Како се реализираше проектот Go Clean …

 

9.12.11 Parlament 046

Гринер изминативе два месеци активно учествуваше во реализацијата на проектот Go Clean. Проектот има цел:

  • да ja подржи  имплементацијата на Законот за батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори,
  • да ја подигне јавната свест за штетноста од батериите
  • да иницира систем за управување со отпадните батерии.

Веќе ве информиравме за еднодневниот семинар во ЕУ Инфо Центарот во Скопје, кој се одржа на 8 Ноември, а со кој официјално започна спроведувањето на проектот. Оттогаш следуваа низа на активности поделени во три фази
1.    Информативно-едукативна кампања по школите и факултетите
Кампања стартуваше на 12-ти Ноември со Семинар за опасен отпад, кој се одржа на Економскиот факултет во Скопје. Беше испланирано да бидат опфатени, 28 основни училишта, 10 средни училишта и 8 факултети, но бројката на училишта и понатаму расте бидејки интересот од страна на директорите и професорите од училиштата кои ги посетија и проследија Инфо – презентациите во општините беше голем. Тие пројавија интерес вакви презентации да бидат испрезентирани и пред нивните ученици и вработени. Па од тука се продлабочи соработката и се проширија границите на проектот.
2.    Информативни презентации во локалните самоуправи
Во периодот 02.12 – 23.12, еднодневни информативни презентации (Инфо-денови) беа одржани во просториите на Општина Куманово, Општина Тетово, Општина Велес, Општина Зелениково, Општина Центар, Општина Кисела Вода, Општина Карпош и Општина Аеродром. Вакви презентации имаше и во Парламентот на Република Македонија и во големата сала на Советот на Град Скопје.
Инфо-деновите дадоа и можност за отворена дискусија со присутните гости. Интересно е тоа што секаде се истакна потребата од организирање на повеќе вакви настани (отворени трибини, делење на пишани информативни матријали, итн) како би можеле граѓаните да бидат поинформирани за проблематиката и вооедно би се приклучиле во кампањата.
Проектот Go Clean е замислен како пилот проект, но има тенденции да прерасне во национална кампања за собирање на отпадните батерии низ цела Македонија. Идејата е во таа кампања да се вклучат и другите општини во државава, да соработуваат и други граѓански организации, а се со цел да се овозможи поефикасно спроведување на Законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори, што би водело кон заштита од уништување нашата земја.
3.    Кампања за собирање на искористените батерии
По завршувањето на секој Инфо-ден, на секоја од општините и се подари специјална кутија за собирање на старите искористени батерии. Со овој гест општината официјално се приклучува во кампањата за собирање на старите искористени батерии.
Освен во општините, исти такви кутии се поставени и во сите маркети на ВЕРО, РАМСТОР, КАМ Маркет и ТИНЕКС. Тоа се местата каде граѓаните можат да ги оставаат своите искористени батерии. Кампања за собирање на празните батерии по маркетите започна на 01.12.2011 година и е во тек.

Искористете ги пред-празничните пазарувања и однесете ги старите батерии кои го имате дома до кутиите наменети за нив. Погрижете се за своето здравје и помогнете и на животната средина. Сепак, ова е период во годината кога најмногу се прават добри дела…

11 Зелени моменти …

Ви одзема само момент … да донесете вистинска одлука … да ги замените лошите навики, со кои предизвикувате негативни последиците врз животната средина, со нови зелени навики …

Денеска е 11.11.2011 година, а ние ви предлагаме 11 зелени моменти:

  1.  Купете украсно стаклено/керамичко шише за течен сапун. За да ја намалите количината на отпад од пластични шишиња која ја создавате во вашиот дом, купувајте течен сапун во големи (економични) пакувања и дополнувајте го вашето убаво шише.
  2. Употребувајте филтер за вода. Престанете да купувате пакувана вода и употребувајте филтер за вода. Со тоа ќе заштедите и ќе ја намалите количината на пластичен отпад кој завршува на депониите.
  3. Јадете повеќе зеленчук и овошје. Со оваа одлука ќе влијаете врз ефектите од глобалното затоплување, бидејќи производството на месни и млечни производи создава голема количина на емисии на јаглерод.
  1. Користете платнени торби. Купете си убава платнена торба од природни материјали (лен, јута, памук) и секогаш имајте ја при рака кога одите да пазарувате. Така ќе заштедите и ќе ја намалите количината на отпад која ја секојдневно ја создавате.
  2. Откажете ја претплатата на „хартии“ кои не ви се потребни. Доколку ви се промениле интересите или можете „хартијата“ да ја најдете на интернет, едноставно откажете ја претплатата. Така ќе ја намалите количината на хартија која секојдневно завршува на депонија.
  3. Внимавајте на топлината. Наместете го загревањето на топлата вода до максимум 120°С. Кога се подготвувате да печете нешто, не ја загревајте рерната подолго од 10 минути. За илустрација, ако секое семејство го намали времето на загревање за еден час годишно, ќе се заштеди енергија доволна за печење на 1.000.000 колачиња.
  4. Внимавајте на потрошувачката на вода. Со едноставна замена на постоечките чешми со нови модели со помал проток, ќе ја намалите количината на употребена вода за 30%. Исто така можете да сметате и на количината вода собрана од вашиот клима уред и да ја употребите за чистење на домот или за наводнување на цвеќињата.
  5. Пешачете. За кратки релации, наместо да седнете во автомобил, изберете пешачење – прошетката е бесплатна, штеди гориво, не придонесува за проширување на озонските дупки и ви помага да останете во добра кондиција.
  1. Помогнете и на природата. Засадете локални билки во вашата градина или на балконот, вклучете се во акциите за засадување на дрва, не ги кинете цвекињата, не оштетувајте ги гранките на дрвата, не ја газете тревата – поголемиот број на “зелени” растенија значи и поголем филтер за планетата земја.
  1. Не бидете алчни. Искористете ги целосно, ако е возможно и неколкукратно, предметите пред да ги фрлите. Пред да купите нешто бидете сигурни дека истото ви е неопходно. Во спротивно само додавате количина на постоечкиот отпад.
  1. Празници без отпад. За време на празниците најголема количина отпад создаваат пакувањата (украсните хартии, украсните кеси, панделки) од подароците. Реупотребете стари хартии и пакувања, или купете рециклирани материјали. Бидете креативни и уникатни.

Кои зелени моменти можете вие да ни ги предложите?

Батерии – непријатели на животната средина

Потрошените батерии и акумулатори, измешани со комуналниот отпад на депониите низ државава претставуваат сериозна закана за здравјето на луѓето и за животната средина, поради  тешките отровни материи што ги содржат. Несоодветно третирани, отпадните батерии и акумулатори не́ трујат со олово, жива, арсен и кадмиум, бидејќи овие опасни материи истекуваат во почвата и подземните води. Само за илустрација, кадмиумот од една батерија на мобилен телефон загадува 600.000 литри вода. Тоа би значело дека 3 такви батерии можат да загадат цел олимписки базен. А дали знаете дека само 1 грам жива е доволно да загади 400 литри вода? Затоа тие не треба да се фрлаат заедно со другиот, комунален отпад, туку со нив да се постапува според строго утврдена процедура.

Почнувајќи од 29.10.2010 година, во склад со Директивата на ЕУ 2006/66/ЕЦ, во Република Македонија на сила е Законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори, според кој „Забрането е отпадните батерии и акумулатори да се оставаат или предаваат на места означени за собирање и селектирање на комунален отпад од домаќинствата или на друг вид отпад“. Законот се однесува на батерии (сите батерии, батериски пакувања, батерии во форма на копче, автомобилски батерии, индустриски батерии) или акумулатори, без разлика на нивната форма, зафатнина, тежина, материјалот од кој се составени или намена за користење.

Состојбата во Македонија

Македонија годишно собира над 300 тони отпадни батерии и акумулатори.

Теренските истражувања што ги направиле членовите на организацијата “4х4х4 Балкански мостови”, покажале дека во Македонија домаќинствата просечно трошат од 0,3 до 0,7 килограми батерии годишно, малите и средните фирми од 0,6 до 0,9, а медиумите до 0,5 килограми. На крајот на 2009-та година во Македонија имало преку 30 милиони батерии и над 3,5 тони акумулатори што неправилно се чуваат ја загадуваат животната средина.

Со донесениот закон се поставени минимални стапки на собирање на преносни отпадни батерии и акумулатори и тоа – до крајот на 2016 година, треба да се соберат минимум 25% од тежината на батериите и акумулаторите што се пуштени на пазарот на територијата на Република Македонија и минимум 45% до крајот на 2020 година.

Што може ние да направиме?

Учеството на крајните корисници во намалување на негативното влијание на батериите и акумулаторите и на отпадните батерии и акумулатори на животната средина е од огромно значење:

–         Стариот акумулатор однесете го кај трговците што имаат дозвола за откуп и постапување со отпадни батерии и ќе добиете попуст на цената на новиот акумулатор.

–         Ситните батерии немојте никогаш да ги фрлате на исто место со комуналниот отпад и така да им направите пат до депониите, односно да им дадете директна можност за загадување на почвата и водата.

–         Погрижете се вашите батерии да не влијаат врз животната средина со штетната жива така што ќе изберете батерии со сребрен оксид без жива или литиум-мангански батерии. Избирањето на производи без жива може да ја намали годишната употреба на жива за 470 килограми.

–         Употребувајте батерии на полнење и заштедете енергија (на пример повеќенаменските батерии се идеална еколошка алтернатива за конвенционалните алкални батерии – со нивната употреба драстично се намалува бројот на фрлени алкални батерии)

Важно е да се напомене дека и научниците се вклучија во оваа борба со опасните материии и интензивно работат на намалување на негативното влијание на батериите врз околината и луѓето. Една од иновациите се т.н. Био-батерии кои кои генерираат електрична струја со користење ензими за кршење јаглехидрати, во форма на глукоза. Овие батерии ја применуваат вродената способност на организмите да добиваат енергија од хранливи материи, кои, наместо да бидат искористени за животни активности, се користат за создавање електрична енергија.

Пријателство во ноќта …

Во саботата, на 20.08.2011 година имав можност да го запознаам Водно во едно поинакво светло, или да бидам попрецизна „без светла“. Организацијата за заштита на бувови MOT- Macedonian Owl Trust и Dobra Voda-active по втор пат организираа ноќна прошетка, од средно Водно до Милениумскиот крст, и ни дозволија да се запознаеме и дружиме со три вида на бувови – кукумјавка (Athene noctua Scop.), амбарски був или кукувија (Tyto alba Scop.) и шумски ушест був (Asio otus L.).

Морам да кажам дека ова беше мојата прва средба со був. Бидејќи тие се категоризираат како грабливци, првото чувство кое се јавуваше беше стравот измешан со возбуда. Потоа е појави восхитот од совршеноста на пердувите и љубопитниот поглед. Дојде и радоста кога птицата застана на мојата рака и дозволи да ја допрам. Е дури тогаш заклучив дека јас всушност не знам ништо за нив.

Трите диви птици се покажаа како вистински пријатели. Ние се однесувавме со почит кон нив, а тие одговорија на сите наши желби без негодување – во ниту еден момент не покажаа агресија, се сликаа со нас, дозволуваа да бидат погалени, без проблем одеа од една на друга рака … како да сакаа да покажат дека нашиот проблем со нив е во самите нас.

Ноќната прошетка беше непроценливо искуство. Мотив повеќе да им се посвети внимание на овие птици. Во следните денови ќе пишувам повеќе за начинот на живот и важноста на бувовите. Добредојдени се и вашите знаења и искуства.

Да ги заштитиме бувовите …

Да ги заштитиме бувовите …

Како што претходно пишувавме, важен дел од Натура 2000 претставува Директивата за зачувување на дивите птици на ЕУ (Directive 2009/147/EC), донесена од Европскиот парламент и Советот на ЕУ на 30 ноември 2009 година (ова е кодифицираната верзија на Директивата 79/409/EEC, дополнета). Оваа Директива е најстариот дел од законодавството на ЕУ кое се однесува на природата и е една од најважните, создавајќи сеопфатна програма за заштита за сите диви птици кои природно се среќаваат во Унијата. Директивата била едногласно усвоена од земјите членки во 1979 година како одговор на зголемената загриженост за намалувањето на популацијата на диви птици во Европа, како резултат на загадување, губење на живеалиштата, како и неодржливо користење. Исто така, беше признато дека дивите птици, од кои многу се преселници, се заедничко наследство на земјите членки и дека нивната ефективна заштита бара меѓународна соработка.

Со желба да ја потенцирам нивната голема еколошка неопходност, во овој пост сакам да предупредам на можноста од истребување од нашите простори на една многу интересна група на птици.

Станува збор за БУВОВИТЕ (припаѓаат на групата Strigiformes).

Конкретно, во ANNEX I, од DIRECTIVE 2009/147/EC , меѓу останатите видови птици, како заштитени се наведени и следните видови бувови – Strigidae, Bubo bubo, Nyctea scandiaca, Surnia ulula , Glaucidium passerinum, Strix nebulosa, Strix uralensis, Asio flammeus и Aegolius funereu. Три од нив, Bubo bubo, Strix uralensis и Asio flammeus,  живеат и во Република Македонија.

Многу е важно да се знае дека и преку законската регулатива на Република Македонија се превземаат чекори за заштита на бувовите. Имено, во Законот за ловството, Службен весник на РМ, бр. 26 од 24.02.2009 година, во Член 3 се дефинира „Дивеч се одредени видови на животни и птици кои живеат слободно во природата или во оградени површини во кои интензивно се одгледуваат, размножуваат, заштитуваат и ловат“, па во Член 5 кој вели „Под дивеч, во смисла на овој закон, се подразбираат следниве видови животни и птици“ меѓу другите видови се наведени и:

116) голем ушест був (Bubo bubo L.);

117) шумски ушест був (Asio otus L.);

118) мочуришен був (Asio flammeus Pont.);

119) ќук-градинарски (Otus scops L.);

120) кукумјавка (Athene noctua Scop.);

121) шумски був (Strix aluco L.);

122) кукувија (Tyto alba Scop.);

Според истиот закон „Дивеч под заштита е: голем ушест був, шумски ушест був, мочуришен був, ќук-градинарски, кукумјавка, шумски був, кукувија“ (Член 9, став 2) и „Трајно се забранува ловење на: голем ушест був, шумски ушест був, мочуришен був, ќук-градинарски, кукумјавка, шумски був, кукувија“ (Член 13). Исто така „Забрането е уништување и присвојување на младенчиња, уништување и расипување на легла, гнезда или јајца од дивеч под заштита утврдено со овој закон“ (Член 14).

Она што не е предвидено и изрегулирано со ниту еден закон се нашата свест, нашиот начин на однесување и грижата за сопственото место за живеење. Тие остануваат само наша одговорност.

Да ги заштитиме бувовите…

НАТУРА 2000 во Македонија

Полека но сигурно се прават чекори мрежата НАТУРА 2000 да заживее и во Македонија. Во организација на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, во рамките на проектот „Заедно за Натура 2000“, се одржаа два семинари за здруженијата кои работат на полето на заштита на животната средина.

NATURA 2000 065

Првиот семинар се одржа од 7- 8.05.2011 година, во хотел Метропол, Струга, и беше посветен на Натура 2000 во целост, запознавање што представува НАТУРА 2000 и зошто е важно Македонија да работи во насока на нејзина имплементација. Предавачи на семинарот беа: Андреа Штефан од Хрватска (WWF) и Андреј Ковачев од Бугарија (Друштво за див животински свет “БАЛКАНИ”). Особено место на семинарот завземаа и активностите за развој на еколошката мрежа НАТУРА 2000 во Македонија, важноста на Берската конвенција која е наменета за Емералд подрачјата (Емералд е политика за заштита на ретките и загрозени видови на животни, билки и птици и е пандан на НАТУРА 2000, но е наменета за оние земји кои се кандидати за во ЕУ), за кои говореше Робертина  Брајковска од ГО “МЕД”. Заклучокот од овој семинар беше дека е неопходно да се создаде една групација од Граѓански организации од Македонија, кои заедно ќе работат на локалното спроведувањето на НАТУРА 2000.

Вториот семинар се одржа од 27 – 29.05.2011 година, во хотел Градски Парк, Скопје и беше  посветен на градење коалиции, партнерства и заедничко работење на граѓанските здруженија. Предавачи беа Павел Павлачик од Полска (Naturalists Club Poland) и Андреј Ковачев од Бугарија (Друштво за див животински свет “БАЛКАНИ”) и тие ги пренесоа нивните искуства од спроведувањето на процесот Натура 2000. Останатиот дел на семинарот беше насочен кон планирање на следните активности.

Од двата семинара произлезе формирање на група која ќе работи на НАТУРА 2000 во Македонија. Таа е составена од 14 граѓански организации и тоа: Еко Осоговија – Пробиштип, Грин Пауер – Велес, Биосфера – Битола, Грашница – Охрид, МЕЗ – Гостивар, Екумена – Струмица, Еко Свест – Скопје, ИДСБ – Скопје, ЗЗО ГРИНЕР – Скопје, ЦеПроСАРД – Скопје, СД ПЕОНИ – Скопје, МЕД – Скопје, Платформа КАЛЕН –Скопје и Еко Скоп – Скопје. Групата го имаше својот прв состанок, на 20.06.2011 година, во просториите на Британски совет во Скопје и одлучи истата во иднина да работи под името Коалиција „Натура 2000“.

Мораме да ги чуваме шумите …

Денеска, во рамки на седмата акција „Ден на дрвото – пролет 2011“, што се реализира под мотото „Ајде на садење, батали политика бар денес“, беа засадени околу 3 милиони дрвца, на површина од 755 хектари, на 70 локации, во 30 општини низ Македонија.

Интересно е да се знае дека со Резолуцијата на Генералното собрание на UN-број 61/193, 2011 година е прогласена за Меѓународна година на шумите.

Во текот на последните 200 години, човекот уништил повеќе од пола од природниот шумски свет на планетата Земја. Пожарите представуваат една од најголемите закани за шумите.Тие се честа појава во летните, сушни периоди. Од човечкото невнимание, годишно во просек во нашата земја со пожарите се уништува околу 615 хектари шума. Опасноста од ваквата закана мора сериозно да се сфати и да се интервенира со програмите за пошумување со видови кои се отпорни на суша. Но исто така треба да се обрне внимание при бирањето на видовите на дрво во однос на почвата, местоположбата, надморската височина и другите фактори.

Како закана на шумите се јавува и се почестата појава на непланското сечење на шумите. Минатата година бевме сведоци на непланското сечење на нашето шумско богатство – Моликата во националниот парк „Пелистер“. Моликата  (Pinus peuce) е ендемски вид на Балканот и представува терциерен реликт. Несаканиот настан на Пелистер не е единствен, за жал истото сценарио се случува и по другите планински региони во Македонија. Затоа е потребно да се изготви програма за однесување кон шумскиот фонд и негова целосна заштита.

Шумите имаат важна улога во спречувањето на ерозијата, во производството на кислород и намалување на емисија на јаглеродниот диоксид во атмосферата. Тие представуваат природно живеалиште на голем број птици, инсекти, животни и билки. Оваа симбиоза на жив свет е ставен во опасност при уништувањето на шумите. Секое делче на тој скриен свет си има свое значење на планетата Земја.

Затоа, да се заложиме за заштита на шумите, за заштита на нашето природно богатство, за иднината.

%d bloggers like this: