Posts Tagged ‘закон’

Батерии – непријатели на животната средина

Потрошените батерии и акумулатори, измешани со комуналниот отпад на депониите низ државава претставуваат сериозна закана за здравјето на луѓето и за животната средина, поради  тешките отровни материи што ги содржат. Несоодветно третирани, отпадните батерии и акумулатори не́ трујат со олово, жива, арсен и кадмиум, бидејќи овие опасни материи истекуваат во почвата и подземните води. Само за илустрација, кадмиумот од една батерија на мобилен телефон загадува 600.000 литри вода. Тоа би значело дека 3 такви батерии можат да загадат цел олимписки базен. А дали знаете дека само 1 грам жива е доволно да загади 400 литри вода? Затоа тие не треба да се фрлаат заедно со другиот, комунален отпад, туку со нив да се постапува според строго утврдена процедура.

Почнувајќи од 29.10.2010 година, во склад со Директивата на ЕУ 2006/66/ЕЦ, во Република Македонија на сила е Законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори, според кој „Забрането е отпадните батерии и акумулатори да се оставаат или предаваат на места означени за собирање и селектирање на комунален отпад од домаќинствата или на друг вид отпад“. Законот се однесува на батерии (сите батерии, батериски пакувања, батерии во форма на копче, автомобилски батерии, индустриски батерии) или акумулатори, без разлика на нивната форма, зафатнина, тежина, материјалот од кој се составени или намена за користење.

Состојбата во Македонија

Македонија годишно собира над 300 тони отпадни батерии и акумулатори.

Теренските истражувања што ги направиле членовите на организацијата “4х4х4 Балкански мостови”, покажале дека во Македонија домаќинствата просечно трошат од 0,3 до 0,7 килограми батерии годишно, малите и средните фирми од 0,6 до 0,9, а медиумите до 0,5 килограми. На крајот на 2009-та година во Македонија имало преку 30 милиони батерии и над 3,5 тони акумулатори што неправилно се чуваат ја загадуваат животната средина.

Со донесениот закон се поставени минимални стапки на собирање на преносни отпадни батерии и акумулатори и тоа – до крајот на 2016 година, треба да се соберат минимум 25% од тежината на батериите и акумулаторите што се пуштени на пазарот на територијата на Република Македонија и минимум 45% до крајот на 2020 година.

Што може ние да направиме?

Учеството на крајните корисници во намалување на негативното влијание на батериите и акумулаторите и на отпадните батерии и акумулатори на животната средина е од огромно значење:

–         Стариот акумулатор однесете го кај трговците што имаат дозвола за откуп и постапување со отпадни батерии и ќе добиете попуст на цената на новиот акумулатор.

–         Ситните батерии немојте никогаш да ги фрлате на исто место со комуналниот отпад и така да им направите пат до депониите, односно да им дадете директна можност за загадување на почвата и водата.

–         Погрижете се вашите батерии да не влијаат врз животната средина со штетната жива така што ќе изберете батерии со сребрен оксид без жива или литиум-мангански батерии. Избирањето на производи без жива може да ја намали годишната употреба на жива за 470 килограми.

–         Употребувајте батерии на полнење и заштедете енергија (на пример повеќенаменските батерии се идеална еколошка алтернатива за конвенционалните алкални батерии – со нивната употреба драстично се намалува бројот на фрлени алкални батерии)

Важно е да се напомене дека и научниците се вклучија во оваа борба со опасните материии и интензивно работат на намалување на негативното влијание на батериите врз околината и луѓето. Една од иновациите се т.н. Био-батерии кои кои генерираат електрична струја со користење ензими за кршење јаглехидрати, во форма на глукоза. Овие батерии ја применуваат вродената способност на организмите да добиваат енергија од хранливи материи, кои, наместо да бидат искористени за животни активности, се користат за создавање електрична енергија.

Advertisements

Да ги заштитиме бувовите …

Како што претходно пишувавме, важен дел од Натура 2000 претставува Директивата за зачувување на дивите птици на ЕУ (Directive 2009/147/EC), донесена од Европскиот парламент и Советот на ЕУ на 30 ноември 2009 година (ова е кодифицираната верзија на Директивата 79/409/EEC, дополнета). Оваа Директива е најстариот дел од законодавството на ЕУ кое се однесува на природата и е една од најважните, создавајќи сеопфатна програма за заштита за сите диви птици кои природно се среќаваат во Унијата. Директивата била едногласно усвоена од земјите членки во 1979 година како одговор на зголемената загриженост за намалувањето на популацијата на диви птици во Европа, како резултат на загадување, губење на живеалиштата, како и неодржливо користење. Исто така, беше признато дека дивите птици, од кои многу се преселници, се заедничко наследство на земјите членки и дека нивната ефективна заштита бара меѓународна соработка.

Со желба да ја потенцирам нивната голема еколошка неопходност, во овој пост сакам да предупредам на можноста од истребување од нашите простори на една многу интересна група на птици.

Станува збор за БУВОВИТЕ (припаѓаат на групата Strigiformes).

Конкретно, во ANNEX I, од DIRECTIVE 2009/147/EC , меѓу останатите видови птици, како заштитени се наведени и следните видови бувови – Strigidae, Bubo bubo, Nyctea scandiaca, Surnia ulula , Glaucidium passerinum, Strix nebulosa, Strix uralensis, Asio flammeus и Aegolius funereu. Три од нив, Bubo bubo, Strix uralensis и Asio flammeus,  живеат и во Република Македонија.

Многу е важно да се знае дека и преку законската регулатива на Република Македонија се превземаат чекори за заштита на бувовите. Имено, во Законот за ловството, Службен весник на РМ, бр. 26 од 24.02.2009 година, во Член 3 се дефинира „Дивеч се одредени видови на животни и птици кои живеат слободно во природата или во оградени површини во кои интензивно се одгледуваат, размножуваат, заштитуваат и ловат“, па во Член 5 кој вели „Под дивеч, во смисла на овој закон, се подразбираат следниве видови животни и птици“ меѓу другите видови се наведени и:

116) голем ушест був (Bubo bubo L.);

117) шумски ушест був (Asio otus L.);

118) мочуришен був (Asio flammeus Pont.);

119) ќук-градинарски (Otus scops L.);

120) кукумјавка (Athene noctua Scop.);

121) шумски був (Strix aluco L.);

122) кукувија (Tyto alba Scop.);

Според истиот закон „Дивеч под заштита е: голем ушест був, шумски ушест був, мочуришен був, ќук-градинарски, кукумјавка, шумски був, кукувија“ (Член 9, став 2) и „Трајно се забранува ловење на: голем ушест був, шумски ушест був, мочуришен був, ќук-градинарски, кукумјавка, шумски був, кукувија“ (Член 13). Исто така „Забрането е уништување и присвојување на младенчиња, уништување и расипување на легла, гнезда или јајца од дивеч под заштита утврдено со овој закон“ (Член 14).

Она што не е предвидено и изрегулирано со ниту еден закон се нашата свест, нашиот начин на однесување и грижата за сопственото место за живеење. Тие остануваат само наша одговорност.

Да ги заштитиме бувовите…

Од еднодневната обука во МЖСПП

На 25.07.2011 година, во хотел „Континентал“, се одржа еднодневна обука на тема „Подигнување на јавната свест на невладиниот сeктор во областа на управување со отпадот“.

Обуката ја отвори г. Филип Иванов, Директор на Управата за животна средина, а свои презентации имаа:

– М-р. Ана Каранфилова Мазневска, Раководител на Сектор за управување со отпад во Министерството за животна средина и просторно планирање на РМ, на тема

Национално законодавство во делот на управувањето со отпадот

– г-а. Маја Коцова, Независен експерт – управител со отпад, на тема

Искуства и начини на вклучување на НВО во управувањето со отпад

– г. Филип Ивановски, Директор на „Пакомак“, на тема

ПАКОМАК ДОО Скопје

Претставниците од невладиниот сектор ја истакнаа неопходноста од отворена дискусија за проблемите и покажаа интерес за вклучување во активности поврзани со управувањето со отпад.

Jавна дебата за нацрт Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема

На 30 мај 2011 година во, во просториите на Стопанската комора во Скопје, се одржа втората јавна дебата за нацрт Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема.

Дебатата беше организирана од страна на Фондацијата Метаморфозис и Министерството за животна средина и просторно планирање и свои презентации на неа имаа Елена Игнатова (Фондација Метаморфозис) и Ленче Ќурчиева (Министерство за животна средина и просторно планирање).

Овој настан е дел од проектот „Зајакнување на граѓанското учество во законодавниот процес“ на Националниот демократски институт (НДИ) и има цел да застапува за донесување на закон за справување со електронски и електричен отпад, а активностите се во согласност и со тековниот проект на Метаморфозис на темата: „Балканска мрежа за застапување при управување со е-отпад“. Здружение за зелено општество – Гринер е член на Националната мрежа за застапување при управување со е-отпад.

Сите информации поврзани со тековниот проект и состојбите поврзани со е-отпадот може да ги најдете на страницата http://mk.bewman.eu/.

%d bloggers like this: