Posts Tagged ‘Енергија’

Сончевата енергија – бесплатен извор …

Сонцето е ѕвезда со средна големина која ротира околу својата оска. Неговата старост се проценува на околу 4600 милиони години, со што се смета дека е на половина од својот животен век. Сонцето е составено е од околу 75% водород, 24% хелиум и 1% други елементи.

Вкупната моќност која сонцето ја оддава во околниот простор изнесува 3,8 x 1026 W т.е. од секој квадратен метар сончева површина се емитува зрачење со моќност од 63.11 MW. Земјата е оддалечена од сонцето околу 150 милиони километри и од вкупната моќност на сончевото зрачење прима само незначителен дел. Сепак, количество на енергија кое го прима Земјата е огромно и на годишно ниво изнесува 10000 пати повеќе од сегашните годишни енергетски потреби на човештвото.

Сончевата енергија која доспева на Земјата претставува електромагнетно зрачење, кое може да се претвори во разни форми на енергија: топлинска, хемиска, механичка, електрична. Најуспешно е нејзиното претварање во топлинска енергија и при ова претварање може да се постигнат температури и до 35000  Целзиусови. За секојдневна употреба, како и за употреба во многу индустриски процеси, најголема примена наоѓаат уредите кои работат на температури под 1000  Целзиусови. Спектарот на користење на сончева енергија како алтернатива е голем: за производство на топлина (за топла вода, загревање и разладување на простории, готвење), за производство на електрична енергија (фотонапонски, топлински ситеми), за транспорт (сончеви возила), за природно осветлување, за отсолување, за фотосинтеза, итн.

Колку Македонија ја користи сончевата енергија како бесплатен еколошки ресурс?

Според истражувањата на експертите, Македонија има одлични географски и климатски услови за искористување на сончевата енергија. Карактеристиките на сончевото зрачење укажуваат дека интензитетот на сончевото зрачење во нашата земја е поволен за добивање на енергија и тоа максимално во западна Македонија – Охрид, каде што достигнува 1590 kWh/m2. Просечниот број на сончеви часови во Македонија, текот на 12 месеци, земајќи го опсегот на мерења од 2001 година до 2009 година, изнесува 2199,9 сончеви часови на годишно ниво.

Иако Македонија е опкружена со поволности од аспект на изобилие на сончеви денови во текот на целата година, истражувачите предупредуваат дека кај нас е многу мал процентот на искористеност на сончевата енергија. Тоа е како резултат на многу причини – нискиот економски стандард, законска регулатива која ќе понуди долгорочна подршка, стратешка определеност и посветеност, свест кај политичарите и граѓаните и така натаму.

Според проектот за секторска соработка за финансирање на енергетска ефикасност во згради во рамки на ЕУ регулативите и обврзувачките документи чии што временски рок за спроведување е 2011-2012 година, се очекува да се подигне свеста за влијанието на пристапувањето кон ЕУ врз секторот градежништво и градежни материјали за да се придонесе за развој на финансиските инструменти и механизми со цел да се развие пазарот за енергетски ефикасни производи и методи во земјите партнери.

Во проектите кои се поврзани со сончевата енергија и нејзината примена во Македонија се потенцира дека сончевата енергија може да биде наш битен енергетски ресурс, бидејќи проценетата цена на чинење на 1 kWh топлинска енергија во тек на 25 години работа на сончеви системи изнесува 0,017 евра. Од друга страна работата на сончевите системи не е поврзана со емисија на штетни гасови па така и еколошкото влијание е позитивно. Се проценува дека ако во Македонија се обезбедат услови за инсталирање на 700 MW капацитет во сончеви топлински ситеми, ќе се отворат минимум 3000 нови работни места во истражување и развој, едукација, обуки, производство, проектирање, инсталирање, сервисирање, одржување, тргување и слично.

Енергија од биомаса …

Биомасата е биоразградлив дел на производите, отпадоците и остатоците од земјоделското производство (од растително и животинско потекло), шумарството и сродните индустрии. Енергијата од биомаса доаѓа во цврста, течна (на пример биодизел, биоетанол, биометанол) и гасна состојба (на пример биогас, гас од гасификација на  биомаса и депониски гас).

Биомасата е обновлив извор на енергија и генерално, може да се категоризира како дрвен, не-дрвен и животински отпад, во кој се разликуваат:

  • дрвна биомаса (остатоци од шумарството, отпадно дрво),
  • одгледана дрвна биомаса (брзорастечки дрва),
  • одгледана не-дрвна биомаса (брзорастечки алги и треви),
  • остатоци и отпад од земјоделството,
  • животински отпад и остатоци,
  • урбан и индустриски отпад.

Главната предност за користење на биомасата како енергетски извор е богатството на ресурсите, можноста за употреба не само на култури засадени за таа намена туку и отпадни материи од земјоделството и прехранбената индустрија. Гасовите кои се создаваат при користењето на биомасата, исто така, може да се користат за производството на енергија.

Предноста на биомасата во споредба со фосилните горива е далеку помалата емисија на штетни гасови и создрадениот отпад. Се проценува дека оптоварувањето на атмосферата со CO2 при користење на биомасата како гориво е занемарлива, бидејќи количината на CO2 испуштена при согорувањето е еднаква со количината на апсорбираниот CO2 за време на растот на растенијата.

Енергијата од биомаса и во Македонија

Македонија е земјоделска земја и има големи отпадоци од земјоделството, кои сега неискористени се палат на нивите, а од биомасата и отпадоците од земјоделското производство би можеле да се произведат од 20 до 30 проценти од потребите на електрична енергија во земјава.

Источно планскиот регион е прв во реализација за искористување на биомасата како енергетски извор. Според Студијата за производство на енергија во Источно планскиот регион, изработена во 2010 година, како извори на биомаса од која би се добивала струја се јавуваат земјоделието, шумарството, дрвната индустрија, одгледувањето на култури и отпадот. При тоа, струја би се произвело во случај на 79% материја од земјоделски остатоци, 12% од остатоци од обработка на дрво и 9% од остаток по сеча. Според студијата, од сите извори, електричната енергија би била со потенцијал од 53 гигават часови од кои инсталираната снага би била вкупно од 5.3 мегавати.

На крајот на 2009 година е започнат проектот „Од биомаса до енергија“, преку потпишување на меморандум за соработка помеѓу Владите на Македонија и на Италија, а го спроведуваат кочанската фабрика „Хартија“ во содружништво со италијанската компанија „Еурекна“. Планирано е проектот да донесе повеќекратна корист – да се заштити животната средина од  големи количества јаглероден диоксид, а истовремено земјоделците да добијат економска корист. Проектот предвидува во иднина фабриката „Хартија“ наместо мазут за добивање техничка пареа, да ги користи оризовата лушпа, пченкарната, пченичната и оризовата слама, како и дрвната маса, како обновливи извори на енергија.

Македонија има голем потенцијал за користење на енергија од обновливи извори, но мора да ги осовремени своите технологии за добивање не таков вид енергија.

Геотермална енергија – енергетска иднина …

Геотермалната енергија спаѓа во обновливите извори на енергија и во различни мерки е присутна секаде. Еколошки е најоправдана нејзината употреба, а економски најисплатлива. За создавање на топлината, која понатаму ги врти турбините на геотермалните електрани, не се извршува согорување на било каков вид на суровина, што подразбира дека нема загадување на околината. Всушност, топлината постои и доаѓа од под површината на земјината кора. Многу е важно тоа што геотермалните електрани се градат на локациите каде се наоѓаат и геотермални извори, што значи дека не се прават додатни трошоци при транспортот на суровината, па од тука тие се и доста економични. Геотермалната енергија може релативно евтино да се експлоатира. За добивање на електрична енергија од геотермални извори, потребно е изворот да биде поисплатлив и температурата на водата да биде повисока. Само како информација, првата геотермална електрична централа во светот е изградена во Лардерело, Италија, 1914.

Македонија во центарот на геотермалните пространства

Република Македонија спаѓа во земјите што се релативно богати со геотермални извори и е едно од најбогатите подрачја со геотермални води на Балканот, но искористеноста на овој најчист еколошки енергент е речиси на почетно ниво. Во Македонија се евидентирани над 25 природни извори на геотермални води со температура поголема од 21 степен, а има и 18 локалитети со термални води: Волково, Стрновец, Подлог, Крупиште, Истибања, Тркање, Бања, Смоквица, Л’џи, Топли дол, Топлик, Мрежичко, Горницет, Повишица, Добрево, Раклеш, Топлец, Дерибаш. Македонија може да обезбеди производство на значајни количества електрична енергија ако посериозно се сврти кон Кратовско – Злетовската вулканска област каде што на длабочина од две до три илјади метри постојат огромни количества топли води со температура од 120 до 130 целзиусови степени.

Во Македонија моментално се експлоатираат околу педесетина локалитети кои главно се сконцентрирани во југоисточниот дел – Струмичко, Кочанско, Штипско, Гевгелиско, Кумановско, Виничко. Како можност за економски просперитет на располагање стојат геотермални води со капацитет од 1300 литри вода во секунда, а се користат околу илјада литри. Кочанскиот геотермален басен е најобемен на Балканот – со експлоатација на околу еден милион метри кубни годишно, со температура од 76 степени Целзиусови и заштеда на 4.000 тони мазут.

Минатиот месец се одржа презентација на проектот „Геотермална енергија во Македонија – Кочанска депресија“ со цел да се промовираат геотермалните потенцијали на Македонија, со посебен акцент на Кочанската котлина. Според Стратегијата за искористување на обновливите извори на енергија во Македонија до 2020 година, се предвидува од геотермалните води да се произведуваат од 400 до 440 гигават-часа електрична енергија.

Ветер – алтернативен извор на енергија …

wind

Ветерот е движењето на воздухот. Енергијата на ветерот доаѓа од сонцето. Кога тоа грее, ја затоплува земјата. Воздухот над земјата станува потопол отколку оној над водата. Топлиот воздух како полесен се крева погоре во атмосферата и ладниот воздух се стреми да го завземе неговото место.

Ветерната енергија е еден од најстарите видови енергии, користена од памтивек. Денес, енергијата на ветерот најмногу се користи за производство на струја. Ветерот е обновлив и бесплатен енергетски извор, бидејќи ветерот ќе дува додека сонцето свети и никогаш нема да дојде до негов недостаток.

Ветерници во Македонија здрав и еколошки извор на енергија

Македонија е една од земјите која нуди огромен потенцијал за искористување на енергијата од обновливи извори. Странските инвеститори во голема мера се заинтересирани за вложувања во ветерници.

Југоисточниот регион е најпогодниот дел од Македонија за производство на струја со искористување на енергијата на ветерот. Земено како за пример, Овчеполието е предел каде ветерот е константана појава и е со средна јачина од осум метри во секунда, што без проблем може да придвижи ветерница со јачина од два мегавати.

Според физибилити студијата за изградба на Ветерен парк, изработена во рамки на КАРДС програмата на Европската комисија, како најпогодна територија се зема територијата на општина Богданци. Веќе постојат најави дека наесен таму ќе се почне да се гради првиот Ветерен парк. Тој би бил на површина од 29 хектари и би имал од 15 до 18 ветерници, секоја со капацитет од 2 до 3 мегавати. Вкупното планирано годишно производство на електрична енергија е над 100 гигават/часови, а инсталираната  моќност околу  45 мегавати.

Со инвестирање во алтернативни извори на енергија, освен зачувување на квалитетот на животната средина би се намалила и увозната зависност на Македонија од електрична енергија. Од друга страна, Македонија има обврска кон Европската Унија за 20-процентно производство на струја од обновливи извори на енергија, во енергетскиот биланс на земјата.

Енергија – зависиме од неа …

Најнапред, неколку важни работи за енергијата.

Енергијата е капацитет на еден физички систем да заврши некоја работа.

Универзалната ознака за енергија е Е, а стандардна единица во која се мери е Џул (Ј).

Енергијата има свои основни извори и облици.

Основни извори на енергија кои ги има во природата се :

  • eнергијата од Сонцето
  • eнергијата од Земјата
  • eнергијата на гравитацијата

Основни облици на енергија се:

1.      Насобрана енергија (позната и како акумулирана енергија) во која спаѓаат :

  • енергија на положбата (потенцијална)
  • енергија на движењето (кинетичка)
  • внатрешна енергија

2.      Трансформирана енергија – енергија која преминува од еден во друг облик, односно енергијата која се појавува со преминувањето на насобраната енергија од едно на друго тело. Енергијата при трансформирањето минува низ неколку облици, (кои се меѓусебно поврзани и краткотрајни) кои ја дефинираат како:

  • Примарна (природна) енергија – енергијата која директно произлегува од основните изворите на енергија,
  • Секундарна енергија – примарна енергија која преминала во друг облик низ технички процес,
  • Крајна енергија – енергијата која доаѓа до корисникот (на пример електричната енергија),
  • Корисна (применета) енергија  – енергијата која корисникот ја користи (механичка, топлинска, светлинска, хемиска).

Природните (примарни) облици на енергија, врз основа на својата трајност и можностите за нивно исцрпување може да се класифицираат како:

1.      Необновливи облици на енергија

  • фосилните горива (јаглен, нафта, земен гас)
  • нуклеарното гориво

2. Обновливи облици на енергија

  • енергијата на водената сила (енергијата на водените текови, морските струи и бранови, плимата и осеката)
  • енергијата од биомасата (биоплин, вклучувајки ги и дрвото и органските остатоци)
  • енергијата од сончевото зрачење
  • енергијата од ветерот
  • геотермалната енергија

Особено е важно да се знае дека при секоја трансформација на енергијата настануваат загуби. Токму затоа најважна задача на енергетиката мора да биде економичноста при процесите на трансформација на енергијата од примарна до корисна. Она што е наша задача, како корисници на енергијата, е внимателно, паметно и економично употребување на енергијата.

Европска недела на одржливата енергија 2011

Европската недела за одржлива енергија 2011 (EUSEW 2011), 11-15 Април 2011, која оваа година го слави своето петто издание, е клучниот настан во Европската кампања за одржлива енергија.

Нејзината цел е да им покажe на бизнисите, на носителите на одлуки и на пошироката јавност дека одржливите енергетски технологии се одржливи, ефективни и добри за животната средина и нашата економија. Преку серија на случувања, EUSEW 2011 става акцент на последните иновации во паметни енергетски решенија и технологии за обновлива енергија.

Ние ќе ги искористиме следните денови да пишуваме за тоа колку Македонија има потенцијал за користење на обновливи извори на енергија и како се искористуваат потенцијалите.

Vodpod videos no longer available.
%d bloggers like this: