Posts Tagged ‘батерии’

Како се реализираше проектот Go Clean …

 

9.12.11 Parlament 046

Гринер изминативе два месеци активно учествуваше во реализацијата на проектот Go Clean. Проектот има цел:

  • да ja подржи  имплементацијата на Законот за батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори,
  • да ја подигне јавната свест за штетноста од батериите
  • да иницира систем за управување со отпадните батерии.

Веќе ве информиравме за еднодневниот семинар во ЕУ Инфо Центарот во Скопје, кој се одржа на 8 Ноември, а со кој официјално започна спроведувањето на проектот. Оттогаш следуваа низа на активности поделени во три фази
1.    Информативно-едукативна кампања по школите и факултетите
Кампања стартуваше на 12-ти Ноември со Семинар за опасен отпад, кој се одржа на Економскиот факултет во Скопје. Беше испланирано да бидат опфатени, 28 основни училишта, 10 средни училишта и 8 факултети, но бројката на училишта и понатаму расте бидејки интересот од страна на директорите и професорите од училиштата кои ги посетија и проследија Инфо – презентациите во општините беше голем. Тие пројавија интерес вакви презентации да бидат испрезентирани и пред нивните ученици и вработени. Па од тука се продлабочи соработката и се проширија границите на проектот.
2.    Информативни презентации во локалните самоуправи
Во периодот 02.12 – 23.12, еднодневни информативни презентации (Инфо-денови) беа одржани во просториите на Општина Куманово, Општина Тетово, Општина Велес, Општина Зелениково, Општина Центар, Општина Кисела Вода, Општина Карпош и Општина Аеродром. Вакви презентации имаше и во Парламентот на Република Македонија и во големата сала на Советот на Град Скопје.
Инфо-деновите дадоа и можност за отворена дискусија со присутните гости. Интересно е тоа што секаде се истакна потребата од организирање на повеќе вакви настани (отворени трибини, делење на пишани информативни матријали, итн) како би можеле граѓаните да бидат поинформирани за проблематиката и вооедно би се приклучиле во кампањата.
Проектот Go Clean е замислен како пилот проект, но има тенденции да прерасне во национална кампања за собирање на отпадните батерии низ цела Македонија. Идејата е во таа кампања да се вклучат и другите општини во државава, да соработуваат и други граѓански организации, а се со цел да се овозможи поефикасно спроведување на Законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори, што би водело кон заштита од уништување нашата земја.
3.    Кампања за собирање на искористените батерии
По завршувањето на секој Инфо-ден, на секоја од општините и се подари специјална кутија за собирање на старите искористени батерии. Со овој гест општината официјално се приклучува во кампањата за собирање на старите искористени батерии.
Освен во општините, исти такви кутии се поставени и во сите маркети на ВЕРО, РАМСТОР, КАМ Маркет и ТИНЕКС. Тоа се местата каде граѓаните можат да ги оставаат своите искористени батерии. Кампања за собирање на празните батерии по маркетите започна на 01.12.2011 година и е во тек.

Искористете ги пред-празничните пазарувања и однесете ги старите батерии кои го имате дома до кутиите наменети за нив. Погрижете се за своето здравје и помогнете и на животната средина. Сепак, ова е период во годината кога најмногу се прават добри дела…

Go Clean

Денес во просториите на ЕУ Инфо Центарот во Скопје се одржа најавениот семинар на тема „Управување со отпадните батерии во земјите на Европската Унија и релевантната легислатива во Република Македонија“. Тој е прв настан од проектот Go Clean, кој има за цел да ја подигне свеста за управување со отпадни батерии, рециклирање и креирање на соодветна структура за спроведување на Законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори.

Проектот е поттикнат од Амбасадата на Шведска во Република Македонија и Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија, во партнерство со организациите Go Green, 4х4х4 Балкански Мостови и ГРИНЕР, а поддржан од Амбасадите на Норвешка и Република Словачка во Република Македонија и маркетите КАМ Маркет, РАМСТОР, ТИНЕКС и ВЕРО. Проектот

Семинарот го отвори Министерот за животна средина и просторно планирање на Република Македонија, г. Абдулаќим Адеми. Во своето обраќање тој ја назначи важноста на овој проект, како неговиот значаен придонес кон имплементирањето на Законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори. Истовремено беше акцентирана поддршката на воспоставувањето систем за собирање на отпадните батерии, кој ќе овозможи искористување на корисните компоненти од овој тип на отпад, но и зачувување на животната средина.

Амбасадорот на Шведска, г. Ларс Вахлунд, во детали ги презентираше фазите и предвидените активности во проекот. Неговото излагање го истакна значењето на подигнувањето на свеста на граѓаните за заштитата на животната средина, но и неопходноста од создавање на заедничка платформа во која сите засегнати страни ќе можат заедно да се информираат, да создадат релации за соработка и заедно да делуваат во заштитата на животната средина. Г. Вахлунд го презентираше и малиот контејнер за отпадни батерии кои ќе се користи во кампањата за собирање на отпадните батерии, а ќе биде поставен во маркетите кои се дел од овој проект, на територијата на Скопје, Куманово и Тетово, почнувајќи од 01.12.2011 година.

Свои излагања имаа и Д-р Снежана Стојковска (која го образложи штетното влијание на составот на батериите врз здравјето на луѓето и врз животната средина), г. Ларс Еклунд, експерт од Шведската агенција за заштита на животната средина, (кој ги пренесе искуствата од применетите практиките во неговата земја) и Раководителот на секторот за управување со отпад г-а. Ана Каранфилова Мазнева (која се задржа Законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори и обврските кои произлегуваат од него, со особен осврт на деловите кои се однесуваат на Производителите на батерии). Семинарот беше заклучен со дебата на темата и одговори на прашањата на присутните.

Следен настан од овој проект е Семинарот за млади, кој е планиран за 12.11.2011 година на Економскиот факултет во Скопје.

Фотографии од настанот

Батерии – непријатели на животната средина

Потрошените батерии и акумулатори, измешани со комуналниот отпад на депониите низ државава претставуваат сериозна закана за здравјето на луѓето и за животната средина, поради  тешките отровни материи што ги содржат. Несоодветно третирани, отпадните батерии и акумулатори не́ трујат со олово, жива, арсен и кадмиум, бидејќи овие опасни материи истекуваат во почвата и подземните води. Само за илустрација, кадмиумот од една батерија на мобилен телефон загадува 600.000 литри вода. Тоа би значело дека 3 такви батерии можат да загадат цел олимписки базен. А дали знаете дека само 1 грам жива е доволно да загади 400 литри вода? Затоа тие не треба да се фрлаат заедно со другиот, комунален отпад, туку со нив да се постапува според строго утврдена процедура.

Почнувајќи од 29.10.2010 година, во склад со Директивата на ЕУ 2006/66/ЕЦ, во Република Македонија на сила е Законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори, според кој „Забрането е отпадните батерии и акумулатори да се оставаат или предаваат на места означени за собирање и селектирање на комунален отпад од домаќинствата или на друг вид отпад“. Законот се однесува на батерии (сите батерии, батериски пакувања, батерии во форма на копче, автомобилски батерии, индустриски батерии) или акумулатори, без разлика на нивната форма, зафатнина, тежина, материјалот од кој се составени или намена за користење.

Состојбата во Македонија

Македонија годишно собира над 300 тони отпадни батерии и акумулатори.

Теренските истражувања што ги направиле членовите на организацијата “4х4х4 Балкански мостови”, покажале дека во Македонија домаќинствата просечно трошат од 0,3 до 0,7 килограми батерии годишно, малите и средните фирми од 0,6 до 0,9, а медиумите до 0,5 килограми. На крајот на 2009-та година во Македонија имало преку 30 милиони батерии и над 3,5 тони акумулатори што неправилно се чуваат ја загадуваат животната средина.

Со донесениот закон се поставени минимални стапки на собирање на преносни отпадни батерии и акумулатори и тоа – до крајот на 2016 година, треба да се соберат минимум 25% од тежината на батериите и акумулаторите што се пуштени на пазарот на територијата на Република Македонија и минимум 45% до крајот на 2020 година.

Што може ние да направиме?

Учеството на крајните корисници во намалување на негативното влијание на батериите и акумулаторите и на отпадните батерии и акумулатори на животната средина е од огромно значење:

–         Стариот акумулатор однесете го кај трговците што имаат дозвола за откуп и постапување со отпадни батерии и ќе добиете попуст на цената на новиот акумулатор.

–         Ситните батерии немојте никогаш да ги фрлате на исто место со комуналниот отпад и така да им направите пат до депониите, односно да им дадете директна можност за загадување на почвата и водата.

–         Погрижете се вашите батерии да не влијаат врз животната средина со штетната жива така што ќе изберете батерии со сребрен оксид без жива или литиум-мангански батерии. Избирањето на производи без жива може да ја намали годишната употреба на жива за 470 килограми.

–         Употребувајте батерии на полнење и заштедете енергија (на пример повеќенаменските батерии се идеална еколошка алтернатива за конвенционалните алкални батерии – со нивната употреба драстично се намалува бројот на фрлени алкални батерии)

Важно е да се напомене дека и научниците се вклучија во оваа борба со опасните материии и интензивно работат на намалување на негативното влијание на батериите врз околината и луѓето. Една од иновациите се т.н. Био-батерии кои кои генерираат електрична струја со користење ензими за кршење јаглехидрати, во форма на глукоза. Овие батерии ја применуваат вродената способност на организмите да добиваат енергија од хранливи материи, кои, наместо да бидат искористени за животни активности, се користат за создавање електрична енергија.

%d bloggers like this: