Што да се прави со играчките кои повеќе не ги употребувате?

Image

REUSE – РЕУПОТРЕБИ – Подарете љубов!

  • Подарете ги на дете во вашето пошироко семејство
  • Донирајте ги играчките во хуманитарни акции или во училишта. Прашајте за можноста за донација и во здравствени установи.

ПРЕПОРАКА: Во тек е акцијата „Играта продолжува …“ – акција за собирање на употребени играчки (и боички, боенки, книги или украси за деца) и нивна донација на деца кои живеат во сиромаштија или се социјално исклучени, реализирана од страна на Здружение за зелено општество – Greener и Македонската платформа против сиромаштија (МППС). Донирајте …

 RECYCLE – РЕЦИКЛИРАЈ – Бидете одговорни кон животната средина!

–         E-отпад. Играчките кои што повеќе не се за употреба, а содржат електронски делови, не треба да се мешаат со комуналниот отпад, туку да се однесат до местата означени за одлагање на е-отпад.

–         Батерии. Не ги исфрлајте играчките заедно со батерии во нив. Батериите секогаш фрлајте ги на соодветните места за таа намена. Внимавајте при изборот/купувањето на батериите – изберете батерии кои може повеќепати да се полнат и батерии кои содржат помали количини на жива и тешки метали.

–         PVC. Овој материјал многу често се употребува во детските играчки, но лошо влијае врз животната средина. Неговото место не е во контејнерите за комунален отпад.

 REDUCE – РЕДУЦИРАЈ – Скромноста е доблест!

  • Поправете ги расипаните играчки, наместо веднаш да ги фрлите.
  • Пред да купиш нова играчка, размисли дали навистина ти е неопходна.

Моќта на НИЕ!

Не е ништо ново дека заедно можеме повеќе. Исто како што многу пати до сега се покажало дека е потребно здружување за постигнување на некоја цел.

Но … Има некои работи кои ги правиме заедно и притоа постигнуваме голем успех, ама за жал, во негативна конотација.

На пример:

* НИЕ сме дел од мултимилионското пазарно општество … купуваме без мерка и трупаме непотребни количини на комерцијални предмети, а притоа не размислуваме дека за нивното производство се трошат огромни неповратни ресурси …

* НИЕ сме дел од модерните текови … следиме трендови и создаваме енормни количини на секаков отпад, а притоа воопшто не се грижиме каде истиот завршува и како влијае врз животната средина …

* НИЕ сме дел од профитабилни бизниси … креираме бизниси без обзири кон околината, уништуваме во име на профитот и не оставаме ништо за следните генерации …

* НИЕ сме дел од иднината … ги забораваме добрите навики од минатото и рушиме добри системи …

Всушност нашата моќ е во нашата одлука! Да донесеме правилна одлука!

НИЕ сме тие што ја поседуваат моќта за уништување на оваа планета, но НИЕ сме и́ тие кои со моќта на одлуката може да ја спасат планетата … тоа е нашата моќ … тоа е моќта на НИЕ!

Пријавете се – кажете го своето!

Недела. Знам дека ова не е ден кој е баш којзнае колку погоден за големи размислувања, но ви нудам интересен предизвик.

Сакам да ве поттикнам да размислите за нешто кое вас би направило посреќни и вашата зедница одржлива, а воедно имате можност да бидете наградени за тоа.

Имено, на 30.07.2012 е започнат Националниот конкурс за активности, кои во принцип можат да бидат поддржани од фондовите на ЕУ, а на кој можете да аплицирате со сопствена идеја (како индивидуалец, активист или организација). Конкурсот е во организација на Еко-свест и CEE Bаnkwatch во рамките на програмата Европа за граѓаните на Европската Унија. Критериумите за конкурсот можете да ги најдете на следнава врска http://www.ekosvest.com.mk/docs/NGO%20dokumenti/nacionalen_konkurs_kriteriumi.pdf, а пријавата за учество на http://www.ekosvest.com.mk/mk/ngo-doc.php?id=16. За дополнителни информации не се двоумете да ги контактирате организаторите.

Како поттик, наградата за идеја која најмногу ќе придонесе кон одржливиот развој на Вашата заедница е во износ од максимум 3000 евра!

Ајде сега на размислување и пишување, но внимавајте, крајниот рок за поднесување на предлог идеите е 20 септември 2012 година.

Пријавете се – кажете го своето! Јас ви посакувам успех !

ФИЛАНТРОПИЈА ПРЕКУ ЗЕЛЕНИ ИДЕИ

КОНКУРС ЗА МАКЕДОНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ И СОЦИЈАЛНИ ПРЕТПРИЕМАЧИ ЗА ЗЕЛЕНИ ИДЕИ/ПРОЕКТИ

$$$ можност да се добие награда од 10.000 долари $$$

 

ЦИРа распишува конкурс за доставување на идеи/проекти кои промовираат традиционална изработка на производи, мали бизниси вкоренети во заедницата и кои потикнуваат иновативни зелени идеи. Критериумите за учество во конкурсот се наведени подолу.

 

Крајниот рок за доставување на проектите е 5 јули 2012, до 17:00 часот.  Формуларот за аплицирање со Вашиот зелен проект/идеја може да го најдете  на http://www.cira.org.mk/index.php/en/capacity-building/news/205-2012-06-15-11-42-18

Пополнетиот формулар доставете го на email: cira@cira.org.mk

 

Тимот на ЦИРа врз основа на наведените критериуми ќе селектира 3 идеи/проекти на национално ниво. Избраните проекти ќе треба да се презентираат од страна на претставниците/доставувачите на проектите на Форумот за развој на филантропија во Западен Балкан кој ќе се одржи од 17-20 Јули  2012 во Колашин, Црна Гора. Сите трошоци за учество на по еден претставник од избраните правни субјекти или физички лица на форумот ќе бидат покриени од страна на организаторот Rockefeller Brothers Fund (RBF).

 

На Форумот ќе се изберат 3 најдобри проекти од регионот на Западен Балкан кои ќе добијат 10.000 УСД за поддршка на имплементацијата на зелената идеја.

 

Критериуми за учество:

·         Идејата да е во фаза на осмислување или штотуку започната со реализација.

·         Идејата е комплетно базирана на користење на локални ресурси.

·         Има детален план или идеја за да влијае позитивно врз  животната средина

·         Користи знаење од луѓето во локалната заедница и нивни традиционални вештини

·         Има план или идеја за постепен развој

·         Го има проценето локалниот пазар – ги познава конкуретните и компаративните предности

·         Идејата го подржува процесот на ревитализација на традиционалните локални бизниси и поврзувањето на луѓето со заедницатa.

·         Идејата е уникатна и нема парична поддршка од владините институции на локално и централно ниво или од меѓународни донаторски агенци

 


Терминот „зелени идеи“ означува идеи кои придонесуваат кон животната средина, кои користат ресурси од локалната заедница и кои придонесуваат кон одржливиот развој (интеграција на локалните, економските, социјалните и еколошките потреби и приоритети на заедниците)

Без вода нема ни храна …

Дали знаете што е Water footprint (Воден отпечаток)?

Сите човекови активности користат вода: за пиење, за готвење, за перење, но исто така и најмногу, за производство на храна, хартија, облека, итн.  Water footprint е начин на мерење на нашата директна и индиректна употреба на водата. Water footprint е вкупниот обем на питка вода која се искористила за производство на стоки и услуги консумирани од страна на поединец или една заедница или при производниот циклус на даден бизнис.

Големи количини на вода се потребни за производство на храна

Производство на храната – од житарици, добиток, внатрешен риболов или аквакултура, шуми – бара вода. Оваа вода потекнува од врнежите (зелена вода), кои ни се на располагање или директно или преку влага се зачувана во почвите, или од повлекувањата на водотеците, мочуриштата, езерата и водонепропустливите слоеви (сина вода).

На глобално ниво 70% од сината вода повлекувања одат на наводнување. Наводнуваното земјоделство завзема 20% од вкупното обработливо земјиште, но учествува со 40% во вкупната храна произведена во светот.
За пример, потребни се околу 1500 литри вода за производство на 1 кг пченица и 10 пати повеќе за производство на 1 кг говедско месо. Производство на храна за добитокот, колење и обработка на месото, производството на млеко и други млечни производи бараат големи количества на вода. Ова го прави water footprint на производите од животинско потекло особено висок.

И производите од риба се важен извор на протеини. Производство на риба од реки, мочуришта, и езера, и сè повеќе од аквакултура, учествува со околу 25% во производството на риба во светот.
Аквакултурата е најбрзо растечка гранка во секторот за производство на храна: просечна годишна понуда на риба од аквакултура по глава на жител е зголемена со просечна стапка од 6,6% на годишно ниво помеѓу 1970 и 2008 година. Внатрешното рибарство и аквакултурата не консумираат вода, но им е потребна одредена количина и квалитетот на водата во реките, мочуриштата, езерата и утоки, па оттука се важни корисници на вода.

22 март е Светскиот ден на водата. Направи свесен напор да се намали твојот water footprint на тој ден. Избери храна со помалку вградена вода и сподели го тоа со пријателите и семејството.

Прочитај повеќе:  http://www.unwater.org/worldwaterday/downloads/WWD2012_BROCHURE_EN.pdf

Светски ден на водата 2012 (WWD2012)

Светскиот ден на водата се одржува секоја година на 22 март со цел фокусирање на вниманието врз важноста на водата и  залагање за одржливо управување на слатководните ресурси. Во 1992 година на Конференцијата на ОН за животна средина и развој (UNCED) било препорачано прославување на еден интернационален ден на слатководните ресурси. Генералното собрание на ОН одговорило на препораката со назначување на 22 март 1993 година како прв Светски ден на водата.

Темата за 2012 година е „Светот е жеден бидејќи ние сме гладни“ (The World Is Thirsty Because We Are Hungry) и се фокусира на потрошувачката на вода за производство на храна.

„Светот е жеден поради нашите потреби за храна. Денес, има над 7 милијарди луѓе кои се хранат на планетата и овој број се очекува да достигне 9 милијарди до 2050 година. За да можат да се нахранат сите, прво треба да се обезбеди вода, во доволна количина и со соодветен квалитет. Ние исто така ќе треба да произведеме повеќе храна со користење помалку вода, да ги намалиме фрлањето и загубите на храна, но и да се стремиме кон поодржливи режими на исхрана“ се вели во официјалната брошура на WWD2012.

 

Сите информации поврзани со WWD2012 може да ги најдете на официјалната интернет страна http://www.unwater.org/worldwaterday/. ГРИНЕР го поддржува WWD2012 и следните денови ќе ги посвети на водата.

Храната не е за во ѓубре !

Новогодишните и Божиќни празници ме наведоа на размислување на тема “Колку храна се фрла непотребно?”. Храната се подготвува во големи количини, бидејки човечкото око е ненаситно и трпезата треба да е полна, преполна, без разлика што само половина од тоа што е сервирано ќе се изеде, а останатото ќе заврши во кантите за отпадоци. Да не заборавме дека додека ние се однесуваме така неодговорно кон храната, многу луѓе одвај успеваат да обезбедат и еден оброк на ден.
Дали сте се запрашале колку храна дневно се фрла во светски рамки? Еве што велат податоците, во Америка само во 2010 година фрлени се 34 милиони тони храна од која само 3% се рециклирани т.е реупотребени, а останатите 33 милиони тони завршиле на депониите или во печките за нивно уништување. Да се надоврзам на погоре наведените бројки, едно просечно американско семејство годишно фрла непотребно 600 $ од својот буџет, преку неискористената храна која завршува како отпад. Оваа бројка мене искрено многу ме замислува, а вас?

И ситуацијата во ЕУ е загрижувачка. Бројките говорат дека во неа годишно се фрлаат 89 милиони тони храна, што е 179 килограми по жител. Институциите на ЕУ свесни за големината на проблемот веќе превземаат чекори за негово надминување, па така Европскиот Парламент на 19.01.2012 година преку Резолуција повика на донесување на итни мерки со кои ќе се преполови количеството храна што се фрла до 2025 година и ќе се  подобри пристапот до храна за оние на кои тоа им е потребно.

Денеска храната представува најголем процент од цврстиот отпад, што е нормално бидејќи без храната нема живот. Доколку посовесно пристапиме кон овој проблем и ги промениме нашите навики би имале и еколошки и економски добивки. Ако при влегувањето во маркетите или посетата на пазарите не купуваме се и сешто, туку само она што ни е навистина потребно и за кое имаме план дека би го искористиле во наредните неколку дена, тогаш значително ќе го намалиме отпадот од храна. Истовремено, повеќе денари ќе останат во нашите новчаници кои потоа би можеле да ги пренамениме за некоја друга цел или потреба.
Но да се вратам на мислата и самиот проблем. Храната не секогаш мора да заврши во кантата за отпадоци заедно со севкупниот отпад. На пример:
–    може да се даде на оние на кои им е потребна, секако доколку е сеуште употреблива. Во нашата земја постојат многу семејства кои живеат во сиромаштија, но и народни кујни каде оваа храна може најдобро да се искористи.
–    може да се направи квалитетен компост без пестициди и други хемиски додатоци. Со правилна преработка може да се подготви и високо квалитетна храна за домашните животни. За тоа како да се подготви компост пишувавме претходно.
–    може да и се продолжи рокот на траење на храната преку преработка. На пример:
1.    доколку доматите во фрижидерот почнале да омекнуваат, не чекајте сосема да се расипат, туку продолжете им го рокот на траење, со тоа што ќе ги иситните на парченца, ќе ги издинстате и на тој начин ќе направите сос од домати, кој понатаму ќе можете да го искористите во подготовката или како додаток на други јадења.
2.    Од оризот кој сте го подготвиле како прилог за ручек, може да подготвите дополнителен вкусен и хранлив оброк доколку му додадете зеленчук и зачини.

Вакви примери има многу, а нашите баби и мајки во минатото доста често ги применувале. За жал денес тоа како да го подзаборавивме и поедноставно ни е да се ослободиме од храната која ни останала фрлајки ја во ѓубре.
Би било убаво ако примерите кои ги наведувам допрат и до комерцијалните објекти, па храната која секојдневно се подготвува во рестораните, или храната на која роковите и се при крај – од рафтовите на маркетите и зелените пазари, би завршиле далеку од комуналниот отпад.
Затоа, во иднина, кога ќе отидете по набавка на храна размислете што ви е навистина потребно, дали би можеле и без тоа, или доколку ви остане храната како би се однесувале кон неа т.е каде истата би завршила.

%d bloggers like this: