Archive for the ‘Е-отпад’ Category

Што можеш ТИ да направиш во врска со е-отпадот?

Бидејќи цела 2011 година напорно работевме на промоција на одговорното управување со отпад, така и ќе завршиме. Ова е последниот од серијата написи со акцент на е-отпадот. Продолжуваме следната година …

Како што и предходно пишувавме, е-отпадот во моментов е најбрзо растечка компонента на цврстиот комунален отпад, а тоа се должи на фактот што технолошкиот развој е најголем до сега. Светските податоци покажуваат дека во моментов мобилните телефони и компјутерите предизвикуваат најмногу проблеми бидејки тие се најчесто заменувани (од од електронската опрема).
За пример еве неколку информации:
•    Просечниот работен век на компјутерите во развиените земји опаднал од 6 години во 1997-ма, на само 2 години во 2005-та.
•    Мобилните телефони во развиените земји имаат животен век од одвај 2 години.
•    Во 2010-та на светскиот пазар во употреба се пуштени 716 милиони нови компјутери кои на депониите ќе завршат за две години.
•    Се проценува дека 50 милиони тони е-отпад се создава секоја година, а само 15-20% од него се рециклира.

Главното прашање е „Што можеш ТИ да направиш во врска со е-отпадот?“

Секој продукт кој го купуваме – од нов телевизор до сендвичот за ручек – морал да биде дизајниран, произведен од некоја суровина, спакуван, транспортиран, продаден, употребен и на крај фрлен. Тоа значи дека истиот често може да заврши во земјата повторно, но овој пат како ѓубре.
Еве размислете, понекогаш купуваме електрични уреди и ситници за чија изработка се употребени скапоцени ресурси, потрошено е големо количество на енергија, транспортирани се на големи далечини и на крај завршуваат во земјата како нејзин отров, без воопшто да бидеме свесни за тоа.

3Р стратегијата – рециклирај, реупотреби, редуцирај (3R strategy – recycle, reuse, reduce) има за цел да ја намали количината на отпад која завршува на депониите. Поставувањето на едноставни прашања може да ни помогне да внесеме мали измени во секојдневното однесување кои ќе предизвикаат големи влијанија врз животната средина, другите луѓе, па и врз нас самите.

Ако сакаш да и помогнеш на животната средина да остане чиста, а ти да имаш добро здравје, прашањата кои треба да се имаат на ум кога се оди на купување се:
1.    Дизајн – Дали може да бидам поодговорен во своето купување?
2.    Количина – Дали поседувам некои електрични производи кои не ми се многу потребни?
3.    Дали може да рециклирам некои од предметите кои веќе не се за употреба?

ПРЕПОРАКА: Купувај помалку
Немој да ја менуваш електричната и електронска опрема само за да бидеш во тренд со најновите технолошки пронајдоци. Или доколку веќе има одлука за таков чекор, погрижи се на опремата да го има знакчето за Eco-friendly производи. Ова знакче означува производи кои може да се рециклираат и не ја загадуваат природата во големи размери.
–    Чувај ги своите работи подолго. Запрашај се дали навистина ти треба нов мобилен или можеби една надоградба ќе заврши работа.
–    Користи виртуелни сервиси. На пример, наместо да купиш CD можеш да го симнеш твојот омилен албум од интернет.

ПРЕПОРАКА: Реупотреба пред купување нешто ново
–    Донирај. Доколку стариот компјутер, мобилен, телевизор итн. си го заменил со нов, а истиот апарат е сеуште функционален, донирајте му го на некого кој има потреба од него. На тој начин ќе постигнеш еколошки, но и економски бенефит.
–    Избирај продукти кои може да се реупотребат.
–    Позајми. Работи кои ти требаат повремено подобро е да ги позајмиш од пријател.
–    Купувај половни работи. Ваквото купување штеди ресурси.
–    Поправи.

ПРЕПОРАКА: Рециклирај го е-отпадот
–    Рециклирај. Е-отпадот од дома и од канцеларија не го фрлај покрај контејнерите за севкупниот отпад, туку однеси го на местата за собирање на е-отпад. Може да се договорш со фирмите кои нудат можност да го преземат стариот апарат и да го рециклираат. Има и фирми кои ја преземаат старата опрема и со одредена доплата ја заменуваат со нова.
–    Купувај производи од рециклирани материјали. Со купување на такви производи помагаш да се затвори кругот на животната средина. Истовремено го развиваш пазарот за рециклирани производи и го поддржуваш економскиот развој.

И на крај, пред да го донираш или предадеш својот компјутер или мобилен на рециклирање, немој да заборавиш да ги отстраниш своите лични и друг вид на битни информации од нив.
Сите информации поврзани со е-отпадот во Република Македонија може да ги најдете на страницата www.e-otpad.mk.

Responsibility is just the difference between knowing about something and doing something to make it better (Sewel, 1998)

Advertisements

Е-отпад? Што? Како? (втор дел)

Е-отпадот не е само обичен отпад. Многуте различни компоненти кои може да се најдат во него отвараат и едно сосема ново поглавје, па наместо тој едноставно да се исфрла на депониите може да се реупотреби или рециклира и повторно да се вклучи во економијата на земјата. Тој во себе содржи корисни елементи кои може да се вратат во трговијата, да придонесат во создавањето на нови работни места и да придонесат во економскиот развој.

Зголемување на стапката на рециклирање на сите електронски уреди не е само императив за заштита на човековото здравје, но исто така и за зачувување на природните ресурси. Предизвикот за планетата е едукација на потрошувачите, развивање на соодветна инфраструктура која го рециклира одговорно е-отпадот и покривање на трошоците.

Еве како одговорното рециклирање на е-отпадот носи голема корист за економијата и за животната средина:

  • Овозможува обновување на вредни метали.

Трите главни материјали кои се добиваат од е-отпадот се металите, стаклото и пластиката. Се смета дека во настанатиот е-отпад има околу 50% необоени метали, околу 5% обоени метали и 20-25% пластика.  Електронските плочи (Printed Wiring Boards – PWB) ја содржат најголемата количина на метали, иако тука се и некои од најпознатите токсични метали во е-отпадот. Постојат 10 до 100 пати повеќе благородни метали во PWBs отколку во еднаква тежина на руда земени од рудник. За илустрација: при традиционалните операции за откопување на злато, компанијата ќе треба да обработи 1 тон руда за да се извади 1 грам злато. Но, преку далеку поедноставни и поевтини процеси на рециклирање, можно е да се извади иста количина на злато од 41 отфрлени мобилни телефони.

Иако некои од извадените метали на крајот завршуваат како парчиња накит или други вредни предмети, најчесто се користат во производството на електрониката за домаќинствата. Во моментов најмногу се обновуваат благородните метали (злато, сребро и платина) и бакарот.

  • Ја чува животната средина и го штити здравјето на луѓето

Со рециклирање не се дозволува е-отпадот да остане долго време на депониите. Тоа значи дека се спречува отровните материи кои ги содржи да се ослободат во атмосферата или да навлезат во земјата и да предизвикаат несакани последици врз животната средина и врз здравјето на луѓето.

Околу 50% од масата на е-отпадот се состои од необоени метали, главно од челик. Собирањето и рециклирањето на овој материјал обично постигнува заштеда од 74% енергија, 76% загадување на водата и 86% загадување на воздухот во однос на примарното производство на челик.

  • Создава нови работни места

Рециклирањето на е-отпадот создава работни места за професионалци кои се занимаваат со рециклирање и поправање, а создава и нови пазари за вредните компоненти кои се издвоени.

Материјалот за рециклирање од отпадот генерира 5-7 пати повеќе работни места, отколку што е потребно при горењето и 10 пати повеќе работни места одколку што е потребно за отстранување во депониите. Во тематската стратегија на ЕУ за превенција и рециклирање на отпадот се смета дека за управување со отпадот и рециклирање на секторот во ЕУ27 обезбедени се 1,2-1,5 милиони работни места. За подобро објаснување, на секои 1000 тони отпадна електроника:

– Депонија – има потреба од еден или помалку работни места
– Рециклирање – 15 отворени работни места
– Поправка – 200 отворени работни места (од друга страна оваа активност нуди и дополнителна можност за студенти или семејства со мали буџети  – можност да си обезбедат ефтини компјутери)

  • Чува место на депониите

Рециклирање на е-отпадот ќе помогне во зачувување на просторот на депониите. Тежината на овој отпад не претставува драматичен проблем, но обемот на овие предмети во депониите е многу значаен, заради нивната големина и цврстината. Рециклирањето ја елиминира потребата да се градат нови големи депонии секоја година, на тој начин избегнувајќи го загадувањето на животната средина, преку воздухот, водата или движењето на камионите, без разлика дали би било искористено времено решение, рурална средина или близина на станбена населба.

Заклучок:

Рециклирањето на суровини од искористена/дотраена електроника е најефикасното решение на растечкиот проблем со е-отпадот. Повеќето електронски уреди содржат различни материјали, вклучувајќи ги и металите, кои можат да бидат обновени за идни употреби. Со демонтирање и обезбедување на повторна употреба, природните ресурси се зачувуваат, а загадувањето на водата и воздухот предизвикано од опасните материи од е-отпадот се избегнува. Покрај тоа, рециклирањето ја намалува количината на емисиите на стакленички гасови предизвикани при производство на нови производи. Тоа едноставно му дава добра смисла и ефикасност  на процесот, а нам ни дава можност да ја задржиме животната средина зелена.

продолжува …

clean up the world

 

 

Организиран „Инфо ден за е-отпад“

e-otpad

Како дел од проектот Балканска мрежа за застапување при управување со е-отпад, Гринер, ЦеПроСАРД и ЕкоНет  вчера организираа „Инфо ден за е-отпад“ на Машинскиот факултет во Скопје .

Целта на настанот беше информирање на студентите и професорите за поимот и значењето на е-отпадот, како и со можностите во справувањето со него. За настанот беше изработена и прикажана соодветна презентација и беа поделени промотивни (информативно-едукативни) материјали.

Присутните покажаа интерес за темата, прашуваа и разговараа со нас, а со задоволство ги одговорија и прашалниците, преку кои идентификувавме состојби поврзани со е-отпадот.

Повеќе фотографии од настанот може да погледнете на http://www.fb.com/bewman.

Инфо ден за е-отпад

 

ДОЈДИ … ИНФОРМИРАЈ СЕ … ВИДИ … СЛУШНИ … НАУЧИ …

Како дел од проектот Балканска мрежа за застапување при управување со е-отпад, организациите ЦеПроСАРД, Гринер и ЕкоНет ќе организираат

„Инфо ден за е-отпад“ на Машинскиот факултет Скопје,

во понеделник (19.09.2011) од 10 до 13 часот.

Преку презентации, видео клипови, анкетни листови и други активности посетителите ќе имаат можност да добијат информации за електронскиот и електричен отпад (е-отпад).

Повеќе на оваа тема може да прочитате на: www.e-otpad.mk

 

Е-отпад? Што? Како? (прв дел)

„Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема“ ја категоризира електричната и електронска опрема како:

1)      големи домашни апарати;

2)      мали домашни апарати;

3)      опрема за информатичка технологија и телекомуникација;

4)      опрема за широка потрошувачка и забавна електроника;

5)      опрема за осветлување;

6)      електрични и електронски апарати (освен големи неподвижни индустриски орудија);

7)      електрични и електронски играчки и опрема за забава и спорт;

8)      медицински апарати (освен апарати кои можат да предизвикаат радијација или инфекција);

9)      инструменти за следење и контрола, и

10)   автомати.

Под е-отпад се подразбира отпад од електрична и електронска опрема.

Светот се соочува со експанзија во развојот на технологијата, па и ние стануваме дел од големото потрошувачко општество – купуваме, трошиме, фрламе … За жал, најчесто нашата непотребна електрична и електронска опрема несоодветно ја отфрламе и таа завршува заедно со останатиот севкупен отпад на градските депонии, на дивите депонии, по подрумите, таваните или на други места – што подалеку од нашите очи.

Дали некогаш сте се запрашале што се случува понатаму со вашиот компјутер, телевизор или друг апарат од домаќинството од кој сте се ослободиле на овој или оној начин ??? Што мислите, какво е нивното влијание врз животната средина и здравјето на луѓето?

За да ве поттикнеме на размислување …

Е-отпадот содржи многу штетни материи, кои негативно влијаат врз животната средина и за здравјето на луѓето и животните доколку неправилно се ракува со истите. Со неадекватно, неодговорно, постапување со ваквиот вид на отпад и негово одложувањe во природата директно ги загадуваме почвата и водата. Особено е важно да се истакне присуството на:

Олово – може да го оштети централниот и периферниот нервен систем на човекот, регистрирани се ефекти на ендокриниот систем, а може да влијае на кардиоваскуларниот систем и бубрезите. Оловото се акумулира во животната средина и има високи акутни и хронични токсични ефекти врз растенијата, животните и микроорганизмите.

Кадмиум – класифициран како токсичен со можен ризик од неповратни ефекти по човековото здравје. Кадмиум и соединенијата од кадмиум се акумулираат во човековото тело, особено во бубрезите, па со текот на времето може да доведат до сериозни оштетувања. Со продолжена изложеност на кадмиум хлорид може да биде предизвикан рак.

Жива – Метилот на живата лесно се акумулира во живите организми и се концентрира низ синџирот на исхрана преку рибата. Метилот на жива има хронични ефекти, и предизвикува оштетување на мозокот.

Хексивалентен хром (VI хром) лесно се апсорбира и произведува различни токсични ефекти во келиите. Хромот VI предизвикува многу јаки алергиски реакции, на пример астматичен бронхит. Хромот VI се смета за генекотоксичен, потенцијално штетен за ДНК.

Бромовани успорувачи на горење на пламенот – редовно се користат во електронски производи како средство за заштита од запалување. Повеќе научни опсервации укажуваат на тоа дека полибромираните дифенилетри (PBDE) дејствуваат на ендокриниот систем. Кога полибромираните бифенили (PBB) ќе се испуштат во животната средина, тие можат да влезат во синџирот на исхрана.

 продолжува …

Jавна дебата за нацрт Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема

На 30 мај 2011 година во, во просториите на Стопанската комора во Скопје, се одржа втората јавна дебата за нацрт Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема.

Дебатата беше организирана од страна на Фондацијата Метаморфозис и Министерството за животна средина и просторно планирање и свои презентации на неа имаа Елена Игнатова (Фондација Метаморфозис) и Ленче Ќурчиева (Министерство за животна средина и просторно планирање).

Овој настан е дел од проектот „Зајакнување на граѓанското учество во законодавниот процес“ на Националниот демократски институт (НДИ) и има цел да застапува за донесување на закон за справување со електронски и електричен отпад, а активностите се во согласност и со тековниот проект на Метаморфозис на темата: „Балканска мрежа за застапување при управување со е-отпад“. Здружение за зелено општество – Гринер е член на Националната мрежа за застапување при управување со е-отпад.

Сите информации поврзани со тековниот проект и состојбите поврзани со е-отпадот може да ги најдете на страницата http://mk.bewman.eu/.

%d bloggers like this: