Archive for the ‘Земјоделство’ Category

Важноста на Пчелите

Најпрво, ќе обрнам внимание на поимот и значењето на тн. “медна пчела”.

Bees_1

Медните пчели се дел од редот на “Hymenoptera” инсекти каде се вбројуваат и бумбари, оси, мравки.

Што можеме да научиме од пчелите?

Проучувањето на пчелите помага во проширување на областите од науката за која учат дури и учениците основци. Како на пример:

  • Пчелите се витален дел од структурата на човековиот ланец на исхрана. Дури 1/3 од храната која ја јадеме не би била достапна доколку ги нема пчелите.
  • И пчелите, како и останати инсекти, се дел од ланецот на исхрана на животните.
  • Социјалниот живот на медните пчели отсликува контроверзна замисла за структурата на општествата во светот.
  • Алатките со помош на кои пчелите го собираат медот а се лоцирани на делови од нивното тело, се всушност само пример за нивна адаптација кон условите на природата и еволуција.
  • Производите како што се медот, поленот, саќето и прополисот наоѓаат суштинска и нутритивна вредност во медицината и производствените апликации.
  • Пчелите имаат суштинска улога во генетиката и медицината како и во одржливиот развој. Гените кои досега се утврдени дека биле предмет на еволуција кај животните се од врвно значење на развојот и иднината на човекот, исто така.

За жал, на пчелите им се заканува опасност од исчезнување како резултат на влијанијатa од нашата животна средина. Индустријализмот и денешната човекова технологија продолжува да ја разнишува природната и сигурна средина и опстанок на бумбарите и медните пчели со таков размер, што им се дава мала шанса за нивно размножување.

Но ајде за момент да ја оставиме реалноста настрана, и да се задржиме на медните производи, кои се полезни за нашето здравје и благосостојба.

Bees_3

Освен медот на кој единствено помислуваме кога се спомнува медоносната пчела, во својата “лабораторија”, пчелите создаваат и други производи (матичен млеч, полен, прополис, медно саќе) кои претставуваат богатство, лековитост и хранливост и кои за нас луѓето се од суштествено значење. Во светот е општо прифатена следната констатација, пчелите произведуваат “нешто” што ниту хемичари, фармацеви, ниту технолози, или пак медицинари би биле во состојба да го создадат. Пчелните производи имаат сложен, комплексен состав со идеално  избалансирани состојки кои синергистички делуваат и претставуваат катализатори и биостимулатори за човековиот организам.

Редовна и правилна употреба на пчелните производи како додаток во исхраната делува стимулирачки при сите видови на физички и умствен напор, со тоа се подобруваат функциите на органите за варење, се стимулираат функциите на жлездите со внатрешно лачење, се потпомага и подобрува крвната слика. Со употреба на пчелните производи луѓето го оспособуваат својот организам сам да се спротистави на многу заболувања.

Да ги спомнеме накратко медните производи:

  • Во составот на медот досега се идентификувани околу 180 материи (јаглехидрати, вода, органски киселини, азотни соединенија, обоени материи, ароматични материи, макро-олиго- и микроелементи, витамини). Секоја лажичка мед претставува вистински арсенал од хемиски материи кои поседуваат огромна биолошка и профилактичка вредност. Медот е препорачлив за деца, спортисти, возрасни лица кои се занимаваат со тешка физичка или умствена работа, но и како додаток во исхраната односно како замена за шеќерот (во кафе, млеко, чај, цеден сок од лимон).
  • Матичниот млеч е секрет од млечните жлезди (со млечнобела или светлокремова боја) на младите пчели работнички, со кој пчелите ги хранат своите ларви (ларвите на идните матици за време на целиот развој се хранат со млеч, а останатите од млечот добиваат само првите три дена). Благодарение на оваа чудесна храна матицата импресионира со својата биолошка продукција и таа за еден ден може да положи дури 2.000 јајца, чија тежина трократно ја надминува нејзината сопствена тежина. Ваква продукција не е позната на друго место во живиот свет.
  • Поленот ги претставува машките полови клетки на цветните растенија. Во неговиот состав се вбројуваат: протеини, слободни аминокиселини, шеќери, минерални материи, витамини, хормони, масти, ароматични материи и секако, вода. Посебно значајно е тоа што во неговиот состав се вклучени СИТЕ 20 аминокиселини, кои влегуваат во составот на човековиот организам.
  • Прополис е производ кој пчелите го произведуваат со собирање на смолести материи од пупките на некои растенија (врба, топола, бреза, ела) и со додавање на восок и секрет од нивните жлезди. Покажува бактерицидни, антибиотички и антипротеолитички својства. Во него се идентификувани повеќе од 80 различни супстанци, од кои познати се: флавони, ароматични материи, балзами, минерални материи, органски киселини.

Се надевам дека информациите кои само накратко ги споменав ќе бидат интересни за вас и можеби ќе пројават љубопитност, па така ќе го вклучите медот и некој од останатите медни производи, како на пример прополисот, во секојдневната исхрана. Секако, во овој зимски период, неговата употреба е пожелна, медот и прополисот му помагаат на организмот во борбата со грипот и настинките, како и со заморот. Само со неколку капки прополис и лажичка мед додадени во чај, ќе му дозволите на вашиот имунолошки систем побрзо да се избори против настинката. Дури би споменале и комбинација на мед, суво грозје и ореви. Во времето на мојата баба, токму таа комбинација на мед со ореви и суво грозје била наменета за уживање на најмалите, но со тоа му се овозможувала и заштита на имунолошкиот систем во зимските периоди.

Honey Sakje

Постот е изготвен од Јулиане Петровска,

Прехранбен Технолог

Advertisements

Суверенитет на храната

По враќањето од Европскиот форум за храна Ниелени кој се одржа во Кремс, Австрија, најчесто поставувано прашање кое ми го упатуваа кога зборував за самиот форум и искуствата од таму, беше:

Што точно представува СУВЕРЕНИТЕТ НА ХРАНАТА?

Суверенитет на храната (СХ) представува право на луѓето на здрава, квалитетна и еколошки исправна храна, која не е генетски модифицирана и е произведена преку еколошки и одржливи методи, поточно, методи кои не ја уништуваат природата, нејзините ресурси и биодиверзитетот. Таа се насочува кон одржлив и чесен однос кон природата.

СХ ги става на највисоко ниво интересите и потребите на помалите производители, дистрибутерите на храна, како и на оние кои ја консумираат истата. Суверенитетот создава стратегија за спротиставување на моменталната корпоративна трговија и создава можност корисниците и локалните производители во земјоделието, сточарството и рибарството да донесуваат одлуки. Приоритети на СХ представуваат локалните и национални економии и пазари, јакнење на семејното земјоделско производство, подобрување на условите за работа на производителите и дистрибутерите. Истовремено се внимава и на заштитата на правата на потрошувачите, правото да ја контролираат својата храна и правото на здрава храна.

СХ има и една поширока димензија – се заснова и ги почитува основните човековите права. Нејзина цел е обезбедување на правото на користење и управување со земјата, водата, семињата, стоката и биодиверзитетот. Таа подразбира и нови друштвени односи без угнетување и нееднаквост меѓу половите, генерациите, народите, расните групи, социјалните и економски класи. Преку неа луѓето добиваат право демократски да ги дефинираат своите сопствени прехрамбени и земјоделски системи без нанесување штета на другите луѓе или околината.

Дали сте размислувале за храната во оваа насока и дали Вие би се вклучиле во активности поврзани со суверенитетот на храната?

Суверенитет на храната, европски одговор на кризата

Претставник на Гринер беше дел од деветчлената делегација која ја претставуваше Македонија на Nyeleni Europe 2011: European Forum for Food Sovereignty (Европскиот форум за суверенитет на храната Ниелени Европа 2011), кој се одржа од 16-ти до 21-ви Август, во Кремс, Австрија.

Ви го пренесуваме официјалното соопштение за печат, по повод завршувањето на Форумот.

„Граѓанското општество да има поголемо, посериозно влијание врз производството, преработката и дистрибуцијата на храна, наспроти глобалните аграрни политики, е заклучокот од Европскиот форум за суверенитет на храната Ниелени Европа 2011 што се одржуваше изминатите пет дена во Кремс, Австрија.

На форумот беше потпишана првата Европска декларација за суверенитет на храната.

Преку 400 делегати од европски земји, меѓу кои и претставници од Македонија се заложија на зајакнување на нивниот колективен капацитет за враќање на контролата врз системот на храна во рацете на заедниците, за давање отпор на агро-индустриските системи и за проширување и консолидирање на силно европско движење за суверенитет на храната.

Повеќе од 120 организации и поединци кои го претставуваат граѓанското општество и социјалните движења дискутираа за влијанието на тековните европски и глобални политики. Развија сеопфатна платформа и пакет принципи за постигнување суверенитет на храната во Европа.

Форумот го нагласи придонесот на младите луѓе, жените и производителите на храна, чии сугестии и предлози се често занемарени.

Интензивните дискусии и размената на искуства овозможија Ниелени Европа 2011 да идентификува заедничка рамка и да дефинира акциски план.

– Промената на нашиот систем за храна е првиот чекор кон поширока промена во нашите општества. Бараме суверенитет на храната во Европа сега, порачува Декларацијата.

Делегатите на Форумот силно се заложија да го земат системот на храна во своите раце преку заедничко работење кон постигнување еколошки одржлив и социјално правичен модел на производство и потрошувачка на храна заснован на неиндустриско земјоделство, преработка и алтернативна дистрибуција, децентрализирање на системот на дистрибуција и скусување на синџирот меѓу производителите и потрошувачите, подобрување на работните и социјалните услови особено на полето на храната и земјоделството, демократизирање на процесот на донесување одлуки за употребата на заедничките вредности и наследства (земјиште, вода, воздух, традиционално знаење, семиња и добиток), како и осигурување дека јавните политики на сите нивоа гарантираат виталност на руралните области, правични цени за производителите на храна и безбедна, генетски немодифицирана храна за сите.

На Ниелени Европа 2011 учесниците ја реафирмираа визијата за единство која го истакнува правото на сите народи да ги дефинираат своите политики и системи за храна и земјоделство без да наштетуваат ниту на луѓето, ниту на природните ресурси, што воедно и имплицира суверенитетот на храната.

Текстот на соопштението е превземен од МИА.

%d bloggers like this: